1000 ГОДИНИ СВЕДОК НА СВЕТЛИНАТА: Резенција на филмот за Бигорскиот Манастир!

март 30, 2022

Кога љубите, ако не љубите,
не велете: „те сакам“, оти се познава.

Ова рецензија треба да изрази нешто што е тешко за кажување, односно, да окарактеризира нешто што по самата негова природа е помалку описливо, а повеќе директно, дофатливо и видливо. Филмот има врска со најдлабокиот бит на човечката природа – со вистинитоста на човекот. Затоа, неслучајно, за почеток е избран еден стих од една моја песна која говори токму за автентичноста. Филмот е автентичен во доживувањето на верата и благодатта и на еден начин претставува тајна која постојано ни се открива. Кога едно искуство е духовно автентично, тогаш тоа ја отвора големината на делото, додека, пак, кога е неавтентично – лажно, конкретно за филмот, му пречи да дејствува во човековиот живот, оти ја затвора неговата транспарентност. Токму затоа автентичноста е неопходен услов за добар филм, каков што, впрочем, е и овој. Каков-годе да е филмот, не е голем затоа што може да постигне многу, туку затоа што преку него можат да се откријат големи нешта.

Во оваа смисла, „Сведокот на светлината“ транзитира, поставувајќи темели на една подруга документаристика за Бигорскиот Манастир. Досега бевме навикнати само на еден репортажен пристап. Овој филм отвора перспектива на оригиналност, автентичност, непосредност и доживеаност. Тој е складен со традицијата и наративот, но има и нешто ново и оригинално, нешто свое. Без овие нешта хоризонтот на филмот останува затворен или сувопарен.

Документарецот „1000 години – Сведок на светлината“ е јасен, авторот лесно ја гради довербата кај гледачот; сака, разбира, дава сигурност и чувство на едноставност, предизвикувајќи го гледачот на длабоко интимно чекање – дерзост која доаѓа да го промени. Го привлекува неговиот поглед кон образот монашки, го издвојува монахот во очите негови, дури и тогаш кога тој е покриен од толпата (како некогаш Захеј кој беше повикан од Христа), од рамнодушноста на светот, од неговата незначителност. Овој филм не зборува толку за големината на Бигорскиот Манастир, за неговата грандиозност, иконостас и надворешна убавина, нешто што би било важно само на почеток и за кое, впрочем, досега се има снимено доста материјал, туку напротив: никогаш толку убаво не е претставена питомата (духовната) срцевина на светилиштето, таа што жари а не гори, ниту, пак, емотивната и нежна страна на бигорскиот Старец, Епископ г. Партениј – татковската, за што најемотивно говореа сите интервјуа, особено автобиографското на Старецот. Во овие непосредни интервјуа е претставена неговата вистинска љубов – монашката. Во ретко кое друго дело, текст, слово, интервју, на вака силен начин да е доловена оваа димензија од неговата личност која нè спојува сите негови духовни чеда: татковството, чувствителноста, неизмерната љубов кон нас и неговата нежност.

Документарниот филм логично произлегува од верувањето дека културата се манифестира преку видливи симболи, содржани во гестови, прослави, чествувања, обреди, кои, пак, се сместени во конструирани или природни контексти. Концептуално, тој е сликовна комуникација која главно се интересира за сликовните медиуми и видливите симболи како средства за комуницирање или, поточно, документарниот филм претставува културолошко истражување на слики. Доколку културата е нешто што може да се „види“, тогаш авторот на овој филм, употребувајќи непосреден пристап, го смислува секој кадар како една уметничка слика, што потоа може да биде основа за анализа и презентација на една друга поголема целина или смисла. Забележано со еден современ објектив, може да се каже дека она што го регистрира камерата е определено од две нешта: од културата на лицето што стои позади неа, т.е. авторот, како и од културата на оние кои се објект на камерата, самите причесници во чинот. Оттука, сметам дека камерата е употребена во реалистично рефлексивна смисла, природна и непосредна, наспроти грандиозноста на самиот чин. Едноставно кажано, се обидува да го забележи процесот без премногу да интервенира и да се наметнува, ако е тоа возможно. Како што најголема енигма е темната материја во Универзумот – таа што не се гледа, така она што навидум не се гледа, а „тежи“, е поважно од сѐ во еден кадар. Притоа, ако сакаме камерата да е непосредна, важно е да пронајдеме начин со којшто ќе се доближиме до луѓето и настаните што ги проучуваме, а токму тоа е постигнато во овој филм.

Накрај, оваа рецензија нема за цел да послужи во создавањето на правилни критички ставови, бидејќи е субјективна анализа, ниту, пак, е толку убедлива за да го погледнете филмот; наспроти неа, овој филм е толку уверлив што беше повикан да се роди или, со други зборови, мораше да се роди. Филмот преферира да биде едноставен, срдечен, за да предизвика личен исповеден порив кај секого од нас. Затоа, сѐ што ќе видите, не се принесува како знаење или став на авторот, туку се поставува како наш заеднички предизвик.

М-р. Влатко Деловски етнолог и културолог

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ