ЗДРАВА КОТЛИНА: ВОДАТА НА ЛАМЈАТА ЕУРОМАКС!

јули 31, 2021

Денес ЈПКД Комуналец Струмица издаде апел да не се троши водата нерационално зошто на овие високи температури може да се случи да има рестрикции!

Завчера Еуромакс Ресурси најави дека ќе потпише договор за спонзорство со АД Водостопанство на Република Северна Македонија, Подружница Струмичко Поле – Струмица, изведба на градежни работи за санација на бочен преливник и зафат на вишок од води од отворен канал за наводнување како и набавка и инсталирање на потопна пумпа со соодветна контролна кутија.

Истиот ден кога е објавена намерата за потпишување на договор за спонзорство, на вестите на регионалната телевизија одеше прилог со директорот на АД Водостопанство на Република Северна Македонија, Подружница Струмичко Поле – Струмица кој зборуваше за потребата на санација и целосна замена на постојните дотраени канали од отворен и затворен тип со нови канали од целосно затворен тип (цевководи) со што би се заштедело огромно количество вода кое сега се губи од дотраеност и од испарување.

Случајно или не, во плановите на Еуромакс Ресурси за обезбедување на вода од 2015/2016 е предвидено дека преговараат со АД Водостопанство на Република Македонија, Подружница Струмичко Поле – Струмица, да направат зделка каде Еуромакс Ресурси ќе инвестира во цевковод а заштедената количина вода плус дополнително од езерата Турија и Иловица да им биде дозволено да ја користат како индустриска вода за нивниот рударски проект. Нивниот проект бара 10,5 милиони кубни метри вода секоја година.

Случајно или не, во плановите на Еуромакс Ресурси водоснабдувањето на седумте села во околина на рудникот мора да оди со вода од акумулацијата Турија зошто би била загрозено здравјето ако се продолжи снабдувањето со вода од акумулацијата Иловица. А зошто е тоа така, не е тешко да се заклучи!

Понатаму, еден од се уште неисполетите условите за добивање на дозвола за експлоатација на Еуромакс Ресурси е да побара и добие дозвола за користење на државните води од – АД Водостопанство на Република Северна Македонија, Подружница Струмичко Поле – Струмица!

Еуромакс поднел барање на 24.03.2016 за користење на водите од акумулациите Турија и Иловица, но при тоа барал да бидат изменети дозволите за користење вода на споменатите акумулации (моментално приоритетите се подредени најпрво за вода за населението, па вода за наводнување, па вода за индустријата) и уште повеќе барал измена на цената (да се намали) на водата за индустриски цели. Но за двете е потребно одлука на Влада зошто измената на приоритетите на користење на водата сите ги става во ризик посебно во сушните години кога акумулациите се практично на биолошки минимум. Интересно е дека бараат повластена цена на индустриската вода зошто тие се од шарената крава и даваат донации.

Од друга страна денес имаме апел од Комуналец да се намали и рационалириза потрошувачката на вода за да нема рестрикции на овие горештини со податок дека моментално Струмица троши 700 метри кубни вода на еден час. Ако му се даде на Еуромакс да црпи подземна вода од струмичката котлина и со пумпни станици ја носи до акумулацијата Иловица, или пак ја користи акумулацијата Турија, тогаш што мислите дали со изменети приоритети и зголемена потрошувачка, населението ќе го има истиот воден благодет кој сега го користи?

Е сега интересни прашањата се следните:

Дали ова не е класичен конфликт на интереси кога се спонзорираат оние кои треба да дадат дозвола?
Што има Државната антикорупциска комисија да каже за вакви заврзлами со донации за службен орган?
Што има јавното обвинителство да каже за ова по однос на потенцијалните кривични дела: злоупотреба на службена должност, тргување со противзаконито влијание, ставање во потенцијален ризик за водоснабдување на цело население во струмичката котлина?

Како тргнале можеби ќе донираат во во ДКСК и ОЈО, а нека си размисли директорот на АД Водостопанство што потпишува и да не случајно си потпишува затворска казна во иднина?
Спомна ли некој дека КОРУПЦИЈА немало во Македонија?

РУДНИК НЕМА ДА ИМА

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ