ЗДРАВА КОТЛИНА: ПОЧНУВА БИТКАТА ЗА БЕЛАСИЦА, СЕЧАТА НА ШУМАТА МОРА ДА ПРЕСТАНЕ!

февруари 25, 2021

ЗДРАВА КОТЛИНА:

Денеска во село Старо Коњарево се одржа протест и почеток на долгорочна блокада против повторното активирање на градежната механизација на ЈП Македонски Шуми за пробивање на пат низ изразени ерозивни подрачја кон планината Беласица и повторна сеча на шумата над селото. Очигледно дека некој не ја научил лекцијата од пред една година кога со протести и блокади локалното население ги одбија сите настојувања на ЈП Македонски Шуми да пробие пат и да се исече шумата.

Тогаш во присуство на градоначалникот на Ново Село Никола Андонов, пратеникот Kosta Kostadinov и тогашниот генерален директор на ЈП Македонски Шуми Зоран Ѓорѓиев се изврши увид на лице место и непосредно се утврди вистината и оправданоста на револтот на граѓаните кои подолго време не дозволуваа изградба на шумски пат и сеча на дрвјата над селото.

Она што денес се случи е брза реакција на локалното население на падините на Беласица и протерување на работниците кои се обидувале да го искачат булдожерот на месноста Дебел Бук, па се вратил и останал кај резервоарот Топлико.

• Бараме веднаш да се запре со оваа луда идеја за пробивање пат и сечење на шумата поради истите причини како и пред една година.
• Бараме да дојдат градоначалникот, надлежните органи и пратениците од Струмичко за да повторно на лице место увидат дека цела оваа работа е голема глупост и да разберат зошто народот повторно нема да попушти.
• Бараме булдожерот на ЈП Македонски Шуми целосно да го напушти атарот на Старо Коњарево зошто во спротивно ќе биде трајно онеспособен.

Во услови кога шумите во Струмичко се сечат безмилосно до соголување, ова е навистина голема провокација и многу малку фали насекаде да ве блокираме, се додека не се изврши попис на шумата и не се утврди шумскиот инвентар во нашиот регион, зошто со голо око се гледа како снемува шума. Знаеме и знаете дека голем криминал лежи во ова.
Наши активисти повторно ќе бидат присутни и ги повикуваме сите кои се во можност да го поддржат овој протест за заштита на шумите на Беласица и селото Старо Коњарево од неразбраните трговци. Срамота е повторно да се проба да се пробива пат онаму каде веќе е утврдено дека не смее. Срамота е да се види ваква некоординираност и башибозук во ЈП Македонски Шуми на штета на граѓаните.

Но ако станува збор за тенденциозна одлука тогаш е сосема друга работа. Што и да е во прашање, ова е голема срамота за сите и ќе заврши како претходниот пат со победа на народот и повлекување на булдожерите од планината.

Почнува втората битка за Беласица!

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ