ЗДРАВА КОТЛИНА ОБЈАВИ: СИТУАЦИЈАТА СТАНУВА СЕ ПОЗАГРИЖУВАЧКА, ДИРЕКТОРОТ НА КУЛТУРНИОТ ДОМ ЈАВНО ГИ ПОДРЖУВА ЕУРОМАКС!

октомври 25, 2020

Објава на Здрава Котлина:

СКАНДАЛ

Драги пријатели! Наши соборци против рудникот Иловица-Штука!

Должни сме да ве известиме дека ситуација со Еуромакс станува се позагрижувачка во пресрет на одлуката на судот! Сведоци сме со недели на агресивната кампања на рударската компанија и очигледно дека ќе станува се посериозно.

Тие ја користат секоја можност за пропаганда на нивните интереси. За кратко време излегоа со разни прилози притоа, редовно користејќи ги нашите сожители за да создадат привид на перцепција која оди во нивни прилог. Се обидуваат да ја искористат ситуацијата и со вирусот и со одредени донации на болницата да го поправат имиџот и да не убедат дека се човекољупци и дека во нив е нашата иднина како да сме ние малоумни и дека можеме да заборавиме дека тргнавме во борба баш против нивниот цијанид и сите други опасности кои ни ги носат. Очекуваме нивната кампања да ја шират и на разни други начини.

Бевме свесни дека тоа што се случуваше до сега, е само почеток на една перфидна и многу опасна кампања и будно ги следевме нивните активности. Воопшто нема да го коментираме нивниот пореден прилог од вчера во кој се употреби уште еден наш сожител од Иловица за нивната пропаганда. Но има нешто друго кое вчера не вознемири и решивме дека е многу важно да го споделиме затоа што цениме дека тоа го најавува почетокот на една повисока етапа во нивната кампања.

Имено, на наше огромно изненадување и разочарување, за прв пат доживеавме да видиме како еден актуелен директор на една многу важна институција од Струмица, отворено и јавно го подржува Еуромакс. Како што можете да видите од постовите, се работи за директорот на Националната установа центар за култура, Ванчо Ристов Патриков.

Зошто, господине Патриков? Поради кои причини се одлучивте на таков чекор? Зошто го подржувате Еуромакс?! Каква порака се обидувате да испратите? Знаете ли дека вчера во Струмица не се дишеше а само што почна сезоната? Знаете ли дека Струмица станува еден од најзагадените градови во Македонија? Знаете ли какви ќе бидат последиците врз сите нас од еден таков рудник?

Господине Патриков, дали со вашата поддршка, ги охрабрувате и другите директори и авторитети во Струмица и во другите струмички општини да го следат вашиот пример? За што точно се работи? Дали знаете колку свои сожители револтирате? Дали сте свесни што правите?

Ние ќе продолжиме да се бориме за доброто на сите нас, меѓудругото, и за доброто на вашите деца и внуци.

За да бидеме на јасно колку е сериозна неговата поддршка, мораме да нагласиме дека Ванчо Ристов Патриков е, исто така, директор на фестивалот ,,Ристо Шишков,, и член на организациониот одбор на струмичкиот карневал.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ