ЗДРАВА КОТЛИНА НАЈАВИ НЕЗАВИСНИ ГРАЃАНСКИ ЛИСТИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ!

август 3, 2021

ЗДРАВА КОТЛИНА:

ИЛИНДЕНСКА НАЈАВА ЗА НЕЗАВИСНИ ГРАЃАНСКИ ЛИСТИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

Почитувани сограѓани,
Денес на нашиот национален празник Илинден јавно објавуваме информации кои подолго време кружат околу нас од повеќе независни свиркачи и за кои ни требаше извесен период да ја утврдиме нивната наводна веродостојност како и мозаичното сопаѓање на специфични податоци. Со оглед дека веќе е релативно јасна играта што во позадина се игра, време е да ги отвориме картите за да знаат граѓаните што потенцијално се спрема во блиска иднина. Ова можеби ќе биде шок за сите, но барем сите заедно ќе го споделиме товарот што ни го спремаат и заеднички ќе се сплотиме околу една идеја како и да се организираме за досега невиден отпор со цел колку толку да си го заслужиме местото во историјата.

Почитувани сограѓани, треба да знаете дека двете најголеми партии наводно заеднички се согласиле за отварање на рудникот Иловица-Штука во периодот после локалните избори оваа година. Наводно преку мериторна пресуда на Управниот Суд која треба да се објави околу јануари 2022 и со која ќе се повампири одземената концесија на Еуромакс Ресурси. Партиите наводно се сложиле дека на тој начин, јавно нема да има виновник кон кого граѓаните ќе го вперат прстот, а самите партии ќе гледаат да го смират населението со некакви лажачки кои брзо ќе се заборават додека да почне да се гради рудникот. Во иста насока наводно е дадено зелено светло да се одвиваат донации и ПР со агресивна маркетинг кампања за промоција на рудникот како некоја најдобротворна институција и за која се фрлаат огромни пари по сите медиуми во државата а посебно локалните избори.

Целото ова НАВОДНО може многу лесно да биде демантирано на општо задоволство на граѓаните ДОКОЛКУ целиот случај се реши ПРЕД локалните избори, зошто секое решение ПОСЛЕ локалните избори престанува да биде НАВОДНО и станува РЕАЛНО на штета на граѓаните и е опишано погоре.

Затоа почитувани сограѓани, свесни за тешките денови што ни претстојат по локалните избори, ние активираме стратегија со која се надеваме дека ќе ги одвратиме раководствата на двете политички партии во нивните замисли за повампирување и профитирање преку концесијата на Еуромакс. Со оглед на календарите за работа на Управниот Суд кој работи без застој, без оглед на теоријата за “независно” судство во Македонија кое не е под контрола од партиите и нивниот Судски совет, го најавуваме следното:

Здрава Котлина ќе иницира формирање на независни граѓански листи за советнички места во Советите на општините Струмица, Босилово и Ново Село. Исто така ќе иницираме кандидатура на независен кандидат за градоначалник во Општина Ново Село.

Се обраќаме до целата јавност да знае дека доколку до 20ти Август 2021 не се исполнат три услови, ние на 21Август ќе ги објавиме независните граѓански листи, а на 23ти Август 2021 ќе почнеме со собирање на потписи за истите. Трите услови се следни:

1. Управниот Суд да донесе судско решение за потврда на Второстепената државна комисија за одбивање на дозволата на Еуромакс Ресурси.
2. Владата да ја одземе и втората концесија на Еуромакс Ресурси (ги толерира веќе 1 година и 7 месеци надвор од законот) поради истите причини како и за првата концесија.
3. Релевантното Основно Јавно Обвинителство и Државната Комисија за Спречување Корупција да отвори предмет за јавниот поткуп кој деновиве се случува во струмичко со државни институции како и истрага за потеклото на парите на Трафигура со кои преку Кајманските Острови го откупија управувачки пакет на акции од Еуромакс и со тоа се стекнаа со сопствеништво врз концесијата Иловица 6 и Иловица 11 без претходно да добијат согласност од Министерството за економија согласно со член 49 од законот за минерални суровини.

Потсетуваме дека оваа трансакција се случи во април 2019 година, а Кајманските острови дури во октомври 2020 се тргнати од црната листа на ОЕЦД како познат даночен рај преку кој се перат огромни количества на пари. Зошто ли швајцарска Трафигура кога се работи за финансиски транскации користи црни пари од Кајмански Острови, а кога се работи за заштита на инвестиции оди дирекно на релација Македонја – Швајцарија?

Сите знаеме во каква корумпирана држава живееме и дека точно двете партии се тие што го контролираат судскиот систем. Забораваат дека знаеме дека локалните олигарси веќе купуваат руднички камиони дампери и кипери со кои планираат да работат во рудникот но и да возат златно-бакарен концентрат во дворот на Цоло Вутов во Пиридоп Бугарија.

Вкупната вредност на златно-бакарниот концентрат со значајна количина на сребро и молибден според сегашните берзански цени изнесува на над 9 милијарди долари. Нашата Македонија од тоа ќе има вкупен директен приход од некаде 200 милиони долари и индиректно од максимум 150 милиони долари, но некој (државата или општината) ќе мора да плаќа 2 милиони долари годишно за чистење на отровите од киселото езеро и исцедоците од хидројаловиштето во текот на следите неколку стотици години. Земјоделието ќе биде уништено физички и како бренд, водите ќе се намалат и расипат, судбината нема да биде поразлична од сите рударски градови насекаде во целиот свет и со тек на време сите ќе се иселиме од Струмичката котлина или ќе не снема. Ова нешто на ниеден освојувач не му успеало досега но никогаш не сме имале работа со вакви хибридни “добротворни” освојувачи!

Зошто нашите две најголеми партии ова го дозволуваат иако во нивните врвови добро знаат што е цената на ова злато? Одговорот има повеќе значења низ историјата опишувано како златна треска, змејова болест, алчност или директно едноставно кажано – многу големи пари!

Вкупниот профит после вкупните трошоци за вкупно 21 година би бил некаде над 7 милијарди долари или 330 милиони долари секоја година во џебовите на акционерите како Галена Ресурси (Трафигура), ЕБРД, Цоло Вутов (финта демек наводно во име на Галена), Иван Вутов (син на Цоло Вутов), Станислав Делчев (управител на Цоло Вутов), Мартин Кониг, Николас Треанд, Тимоти Могран-Вејн, Џемс Бурк, Рејмонд Весли Трикланд, Ричард Грифитс, Ричмонд Партнерс Мастер, Патрик Форвард, Живко Груевски итн.

Дали мислите дека нашите две партии ќе се усогласат заеднички за да се повампири концесијата на Иловица-Штука и ќе остават вакви пари да влезат во џебовите на странци, а тие заеднички ќе молчат и ќе се препелкаат демек “независниот” суд така реши?

Во едната политичка партија наводно на потенцијалните кандидатите за градоначалници им е забрането да се отвара и дискутира темата за рудникот Иловица-Штука со партиска директива “Не е ваша работа тоа и не е во вашата општина”. Тоа е повторен одек слично на делата на високите функционери на таа партија што ги направија на локалните референдуми во 2017 со цел да се бојкотираат колку што може референдумите но и нивниот делумен неуспех во членството кое сепак излезе патриотски на изборите игнорирајќи ги инструкциите.

Во другата политичка партија темата за рудникот Иловица-Штука се перцепира како решен проблем и не е предмет на дискусија, НО наводно тоа НЕ Е ТАКА за високите партиски функционери кои се во дослух со локалните олигарси и кои заеднички калкулираат кој колку ќе инвестира во транспортни камиони за пренос на рудата со проекции дека “нашите камиони ќе возат за 26€ по тон за изминат километар”. Сепак овие цитирани калкулации никако не се случајни, зошто “случајно” се подудараат со буџетот предвиден во физибилити студијата на Еуромакс објавена во 2016. Ниту е случајно што ова се крие од членството зошто ќе предизвика оправдан револт и локални побуни после сите залагања за запирање на рудниците и играњето на таа карта како значаен предизборен адут во повеќе претходни изборни циклуси.

Ние исто така знаеме за наводните мрежи исплетени од блефови, уцени и пазарењата околу премиерот Заев за некакво потенцијално побарување на Еуромакс Ресурси од Македонија на име оштета во случај да не се реализира лудата замисла за изградба на токсичен рудник над Струмичката Котлина. Знаеме за понудите од 400 милиони долари на одредени адвокатски компании да го откупат (факторираат) се уште непостоечкиот пенал од над милијарда долари кој на премиерот му се презентира како неизбежен и многу реален но всуштност е само психолошка операција на високо ниво.

Но, сето тоа што наводно му се презентира се само чад и огледала на измами и манипулации, зошто фактите кои некој упорно настојува да се заборават се дека Еуромакс нема инвестирано повеќе од 30 милиони долари во проектот Иловица и тоа е јасно докажливо од сите документи (ревидирани финансиски извештаи) кои стојат на серверот на канадскиот регулатор. Дотолку повеќе што направиле прекршувања на договорите со државата, ЕБРД и со барањето за спојување на концесиите пробале да стават во залог концесиско земјиште на државата во корист на Ројал Голд (Ротшилд), без соодветна одлука на државата како што претходно еднаш е направено од владата на Груевски. Да не зборуваме за се друго што е прекршено, од меѓународни конвенции па до измамнички изјави со потписи јавно искажани. Само на нашата страница има објавени документи што многу јасно се гледа колку бил распашан Еуромакс во 2016 и воопшто не се грижел за законите туку си следел некакви сопствени процеси без обзир за законските рокови и ограничувања. Не е Македонија ваша приватна прчија па да си правите како што сакате!

Партиите добро нека знаат дека дури и во случај судот да донесе решение за повампирување на концесијата на Еуромакс, народот ќе се мобилизира и активно ќе се спротистави како знае и умее за да ги заштити животите и имотите. Ќе почне војна на падините на Огражден и ќе се повтори историјата каде со жртви ќе се избориме да се одбраниме од овие модерни поробители. А во таков случај двете партии ќе заминат на буништето на историјата!

Некогаш, некои имени и безимени, направиле дела, со што обезбедиле иднина на идните генерации. Секој период е турбулентен и историјски, а делата зависат од свеста и совеста, на оние кои се на висината на предизвикот. Се прашуваме, дали ќе оставиме доволно дела, нашите внуци да имаат историја?

Честит трет ИЛИНДЕН, во очекување на четвртиот!

Кликнете ОВДЕ за видеото.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ