МИТКО БОЈАЏИСКИ: ИЗМИСЛЕНИОТ СВЕТ НА РУДАРСКАТА КОМПАНИЈА!

март 13, 2019

Фејсбук статус на Митко Бојаџиски:

ИЗМИСЛЕНИОТ СВЕТ НА РУДАРСКАТА КОМПАНИЈА
После тешкиот дебакл во полната спортска сала во Иловица и пред очите на премиерот и министерот за економија, заговарачите за рудник имаат сериозен проблем. Жителите на двете животно загрозени села но и целата струмичка котлина јасно и многу гласно кажаа дека не сакаат рудник.

И сега што им останува на рударските профитери? Да се спакуваат и да си одат? За жал, нема тоа да го направат. Мирисот на златото премногу ги дразни.

Наместо тоа, сега ќе направат се за да ја релативизираат волјата на жителите. Ќе сакаат да покажат дека има и такви кои сакаат рудник. Кои уште како деца сакале да бидат рудари но, ете, немало рудник…

Не им е лесно на компанијата и нивното лоби. Жителите на струмичката котлина се веќе доволно едуцирани за да знаат каква страшна опасност им се заканува. А многубројните борци против рудникот со огромен ентузијазам ја користат секоја прилика за да ги кажат уште еднаш своите цврсти аргументи. Тоа на компанијата осетно им ја ограничува можноста за маневри на терен. Тие просто имаат проблем да се појават меѓу народот затоа што се третирани како несакани елементи.

Како да го решат својот проблем? Така што ќе направат привид дека имаат подржувачи. Но како да го направат тоа?!
Со пари, се разбира! Кога имаш пари, можеш да најдеш некој да те сака. И така, пред неколку дена се појавија во медиумите дванаесетмина кои изјавија дека сакале рудник. Таа вест, веднаш беше оркестрирано и тенденциозно пренесена од голем број медиуми. Ние што не сакаме да бидеме убиени од рудникот, веднаш ја потенциравме ситната бројка на љубители на рудник и позадината на информацијата.

Овој недостаток го ,,надминаа,, два дена подоцна. Во јавноста се појави насловот ,,Жители од струмичко со барање до владата да се отвори рудникот кај Иловица,, и со слика на која има околу две илјади луѓе. А всушност, се работи за слика од собирот во спортската сала во Иловица на кој беше присутен премиерот и министерот за економија и каде што и самиот премиер констатира пред сите присутни а кое е документирано, дека Иловица и Штука не сакаат рудник. Ете, гледате ли со какви подли манипулации се служат.
Реалната ситуација е јасна. Луѓето во струмичко не сакаат рудник. Дали е тоа доволно? Би требало, но за жал, не е. Парите на рударското лоби се моќно оружје. И ова е само почеток на една информативна војна. Целта им е, во недостаток на реална подршка, на разни начини да создадат впечаток дека ја имаат, за да можат да направат психолошки момент во кој ќе им се дадат дозволите за работа а на сите нас што сме против, да ни се затворат устите со спомнување на некакви еколошки стандарди кои, патем, ние ги третираме како бајки за деца.

Работата е крајно сериозна. Секој од нас, без исклучок, треба да сфати дека мора да се вклучи во борбата против ова зло за да може добро да се види нашата непоколеблива волја, инаку, лошо ни се пишува.

Пред месец-два, Канада е официјално прогласена за земја со најдобар квалитет на живот во светот. Знаете ли каде е седиштето на рударската компанија што сака да отвори рудник во Иловица? Во Канада. Ете, има земји со најдобар квалитет на живот но има и земји-рударски депонии.

Каков ќе биде нашиот квалитет на живот во струмичко со рудник? Знаеме многу добро каков ќе биде и затоа ќе се бориме до крај.
Митко Бојаџиски

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ