strumica denes logo

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА И ПОРАНEШНАТА РАКОВОДИТЕЛКА НА УРБАНИЗАМ!

Автор:

Датум:

октомври 16, 2026

Автор:

Датум:

октомври 16, 2026

СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Струмица против поранешен градоначалник на општината, поранешна раководителка на Секторот за урбанизам и управител на правно лице од Битола, поради сомневање за злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување исправа. Според МВР, во 2022 година со незаконска постапка била овозможена легализација на објект во селото Куклиш и стекнување сопственост врз државно земјиште.

Според пријавата, поранешниот градоначалник К.К. (36) и поранешната раководителка С.Р. (38), двајцата од Струмица, ја злоупотребиле службената положба за да му овозможат на лице од селото Куклиш да легализира бесправно изграден објект. Третопријавениот Ј.П. (60) од Битола, кој во времето на настанот бил управител на правно лице, се сомничи за фалсификување исправа.

Како што информираат од МВР, по барање на поранешната раководителка на Секторот за урбанизам, управителот изготвил елаборат и технички извештај со невистинита содржина, во кои било наведено дека на катастарската парцела во селото Куклиш не постојат објекти. Документите биле употребени за бришење на објекти во сопственост на Општина Струмица, со цел парцелата да добие чист имотен лист.

Со тоа, според полицијата, му било овозможено на лицето Т.Ј. да добие решение за легализација на објект – зграда со намена стовариште, со внатрешна површина од 161 квадратен метар. Дополнително, му било овозможено да го откупи земјиштето под објектот, како и да се стекне со сопственост врз 866,46 квадратни метри земјиште во сопственост на државата.

Од МВР посочуваат дека при постапката не биле земени предвид претходните судски одлуки со кои било одбиено барањето за легализација на објектот. Во 2016 година Вишиот управен суд ја одбил жалбата на Т.Ј., а во 2019 година со друга пресуда било потврдено дека објектот е изграден без соодветно одобрение за градење.

Исто така, овластен градежен инспектор при Општина Струмица претходно му издал решение со кое му наложил на Т.Ј. да ја отстрани градбата.

Според полицијата, со пријавените дејствија била овозможена противправна имотна корист, а била нанесена штета на Општина Струмица и на државата. Случајот е доставен до надлежното обвинителство за понатамошна постапка.