Кога посмртните останки на еден средновековен владетел се претвораат во повод за национално ликување и пораки за понижување на соседот, тогаш политиката веќе го прегазила достоинството на чествувањето. Во таквата реторика, Самуил станува средство за денешни пресметки, а неговиот саркофаг, говорница од која на Македонија ѝ се делат историски лекции.
Според најавата пренесена од Бугарската национална телевизија, предавањето на останките што му се припишуваат на Самуил е планирано за 3 октомври во Солун, по што треба да бидат пренесени во Софија и положени во црквата „Света Софија“.
Државни почести, највисоки политички претставници и пораки за враќање „во неговата татковина“ – целата церемонија носи јасна национална симболика.
Но, најотвореното објаснување за политичката употреба на настанот доаѓа од бугарскиот историчар Христо Матанов. Во прилог на телевизија НОВА, тој го нарекува „огромен шамар“ за Македонија. Со таа изјава, самиот ја префрла темата од почит кон мртвите во пресметка со живите.
Какво е тоа достоинствено чествување чиј успех се мери со тоа колку ќе биде понижен соседот?
Изјавата на Матанов не е доказ за таен договор меѓу Атина и Софија против Македонија. Но е сосема доволен доказ за неговата намера настанот да го претстави како историска победа над неа. Кога еден историчар посегнува по речник на „шамари“, јавноста има право да праша каде завршува науката, а каде започнува националистичкото надвикување.
Особено проблематична е логиката што се наметнува: Грција ги предава останките, Бугарија ги прима, а Македонија треба да ја прифати церемонијата како конечна пресуда за сопствената историска меморија.
Таквиот заклучок е политичка ароганција!
Ниту една државна свеченост нема научна моќ да затвори историска расправа.
Атина и Софија можат да се договорат за предавање на останките. Нивниот договор не им дава монопол врз толкувањето на минатото. Уште помалку му дава право некому средновековната историја да ја употребува за омаловажување на денешните Македонци.
Тука е вистинската опасност од ваквата реторика: церемонијата да послужи како привид на конечен историски доказ, а дипломатската согласност на две држави да се продава како обврска трета држава да молчи.
Македонската јавност има право остро да го отфрли тоа. Почитта кон Самуил не бара согласност со секоја политичка порака испратена над неговите останки.
Добрососедството бара заемна почит, а зборувањето за „шамари“ ја разоткрива празнината на секоја свечена фраза за пријателство.
Пишува: Јане Киров, историчар






















