Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, во своето обраќање пред Генерачното собрание на Обединетите нации во Њујорк, рече дека процесот на евро-интеграција трае надвор од секој разумен временски рок и ја повика Европската Унија да обезбеди предвидливост и почитување на правилата.
– Нашата историја нѐ научи дека меѓународните компромиси се многу тешки и дека мирот, стабилноста и интеграцијата бараат политичка храброст и големи жртви. И без намера да звучам поучувачки, ако некој сака да види пример за земја што повеќепати се откажувала од нешто што природно ѝ припаѓа како основно право — нешто што многумина го земаат здраво за готово — доволно е да погледне во поновата историја на мојата земја. Историја обележана со предизвици, со безбедносни ризици од регионални размери, со постојани компромиси и отстапки направени во име на мирот, соработката и повисоките цели на интеграцијата — често по цена на нашето најосновно чувство за достоинство и правда. Донесовме навистина тешки одлуки. Продолживме напред дури и кога процесите траеја подолго отколку што една генерација граѓани можеше разумно да очекува. Но токму затоа, гледајќи на тие одлуки со временска дистанца и со јасна свест за реалноста, денес можам одговорно да кажам дека довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска – истакна премиерот Мицкоски.
Тој упати повик до Европската Унија, кога веќе бара од помалите земји – кандидатки да ги почитуваат нејзините правила, и таа самата да ги почитува правилата кои што ги поставила.
– Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост. Ако од кандидатите за членство во една организација се бара да исполнат одредени критериуми, тогаш исполнувањето на тие критериуми мора да води кон напредок. Ако бараме од граѓаните да им веруваат на институциите, тогаш институциите мора да покажат дека нивниот збор има вредност и дека преземените обврски траат. Правилото што важи денес не може утре да биде поинакво само затоа што се променил односот на силите. И преземената обврска не може да биде привремена политичка погодност. Таа мора да биде основа врз која луѓето ќе можат да ја планираат својата иднина – порача Мицкоски од говорницата на Обединетите нации.
Во делот од обраќањето посветен на интеграцијата со Европската Унија, премиерот Мицкоски додаде дека граѓаните мора да видат дека правилата се спроведуваат доследно и дека направените компромиси нема само да носат до нови барања за отстапки.
– Од нашите граѓани бараме да веруваат во соработката, во добрососедските односи, во компромисот и во заемната почит. Им велиме дека трајниот мир вреди повеќе од краткорочна политичка победа; дека почитувањето на договорите е знак на сила и мудрост, дека тоа е правилната постапка, а не знак на слабост; дека европската и евроатлантската интеграција значат прифаќање правила што важат еднакво за сите. Но, тој аргумент станува многу потежок за одбрана кога граѓаните гледаат дека во меѓународните односи принципот понекогаш ѝ отстапува место на моќта; дека критериумите можат да се сменат додека процесот веќе трае; или дека од едни се очекува доследност што другите не ја бараат секогаш од себеси. Не можеме да им велиме на луѓето „Верувајте им на правилата“, кога гледаат дека правилата не важат еднакво. Не можеме да ги убедиме дека компромисот е доблест ако секој компромис носи ново барање. И не можеме да очекуваме доверба во меѓународните институции ако граѓаните почнат да веруваат дека нивната судбина почесто ја одредува политичката тежина на нивната држава отколку силата на заеднички прифатениот принцип – заклучи премиерот Мицкоски.
Според него, кредибилитетот на Унијата зависи од нејзината способност да се држи до правилата на сопствените процеси. Нема да се откажеме од европската идеја затоа што европскиот пат беше тежок.
– Европската Унија за нас останува нашиот природен политички, економски и институционален дом. А имаме работа и дома. Мора да го зајакнеме владеењето на правото. Да изградиме поефикасни институции. Да изградиме поконкурентна економија. И да ја зајакнеме довербата на граѓаните во сопствената држава. Тоа е наша одговорност и нема да ја префрлиме на Брисел. Истовремено, очекуваме европската интеграција да остане процес заснован на заслуги и мерливи критериуми — а не процес во кој билатералните прашања постојано можат да ја поместуваат целта. Не бараме полесен пат. Бараме пат уреден со правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди. Ова е еднакво важно и за кредибилитетот на Европа, во време кога нејзината геополитичка тежина сѐ повеќе ќе зависи од способноста своите заложби да ги претвори во конкретни политички резултати, од решеноста да ги брани вредностите за кои се залага и да остане истрајна во нивното унапредување, и покрај многуте предизвици со кои се соочува – порача Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека, за македонските власти да можат да бараат од граѓаните да веруваат во компромисите, тоа мора да биде поткрепено со исполнети ветувања.
Во заклучоците на своето обраќање пред Обединетите нации, Мицкоски се осврна на идентитетските прашања и прашањата на историјата.
– Ваши екселенции, ние сме мала земја. Но, одбиваме големината на нашата територија да го одредува размерот на нашата амбиција. Нашата амбиција е да станеме сериозна држава. Држава на која нејзините сојузници можат да ѝ веруваат. Држава во која младите можат да ја планираат својата иднина. Држава што ги почитува различноста и мултикултурниот карактер на своето општество. Држава доволно сигурна во себе за да го брани сопствениот идентитет, без да го негира идентитетот на другите. Држава што ја знае својата историја, но не е заробена во неа. И држава што не очекува другите да ја изградат наместо неа. За мене, тоа е современ суверенитет. Не изолација. Способност – рече Мицкоски.
Претседателот на Владата го цитираше генералниот секретар на ОН и неговото ставање акцент на народите, независно од нивната големина.
– Оваа година, генералниот секретар Антонио Гутереш нѐ потсети дека Повелбата започнува со зборовите: „Ние, народите“. И додаде: „Не ние, моќните. Не ние, победниците“. Во тие неколку зборови лежи причината поради која една мала европска земја продолжува да верува во оваа Организација, дури и кога е разочарана од неа. Затоа што алтернативата на свет управуван според правила не е свет во кој сите се слободни. Тоа е свет во кој најсилните се најслободни. А сите други зависат од нивната добра волја. Таков свет можеби за миг може да изгледа ефикасен. Но никогаш не е стабилен – истакна премиерот Мицкоски во обраќањето пред Генаралното собрание на ОН во Њујорк




















