Пациент со вештачка интелегенција си искреирал конзилијарно мислење за терапија што е на позитивната листа на лекови, објави Сител ТВ.
Според репортажата која ја направи телевизијата, измамата била откриена случајно кога Фондот за здравствено осигурување го вратил извештајот на Неврологија бидејќи не се совпаѓал факсимилот на еден од лекарите.
При проверката од клиниката откриле дека не е само печатот на докторката кој всушност бил на колега од друга болница, туку со злоупотребата биле целосно погрешни и останатите печати, дел од имињата на невролозите како и називот на установата која не постои во здравствениот регистар – Институт за рехабилитација – универзитетска клиника за неврологија.
– Но кога го погледмавме конзилијарното мислење кое што мислевме дека е издадено од нашата клиника, всушност свативме дека станува збор за документ кој што е направен со вештачка интелегенција и комплетно лажен и веројатно тоа и истрагата понатаму ќе го покаже. Од трите колешки што се потпишани едната нема факсимил, на втората колешка исто така и е згрешено името односно презимето и исто така и на втората колешка и е грешен факсимилот. И печатот на клиниката со кој се заверува е целосно погрешен, изјави асс. Д-р Јован Божиновски, директор на Клиника за неврологија за Сител.
Инаку, лицето со години било пациент на Неврологија и за неговата дијагноза ја добивал оваа терапија за која требаат потписи и печати од тројца доктори. Откако најверојатно не успеал со лажниот извештај, пред неколку дена пак бил на клиниката на преглед.
Од Неврологија изјавиле дека се загрижени за случајот и истиот веќе бил пријавен во Министерството за здравство.




















