На Градскиот стадион „Благој Истатов“ вечерва беа одбележани 104 години од постоењето на ФК Беласица – клуб кој повеќе од еден век претставува нераскинлив дел од спортскиот дух и идентитетот на Струмица.
Во рамки на свеченоста, плакети им беа доделени на седумтемина фудбалери со најмногу настапи за клубот, додека врамени дресови им беа врачени на спортските легенди Дончо Георгиев и Љупчо Макфов. Со спомен-плакета Беласица му оддаде почит и на Петре Анчиев.
Беше промовиран и новиот веб-сајт на ФК Беласица, кој ќе претставува уште едно место за зачувување и споделување на богатата историја, успесите и спомените поврзани со струмичката фудбалска гордост.
Прославата беше заокружена со натпреварот меѓу Беласица и Детонит, кој донесе вистинско спортско уживање за присутните на стадионот.
Од легендарните генерации и незаборавните фудбалери до денешните млади таленти – Беласица е приказна која трае веќе 104 години. Сино-белите бои продолжуваат гордо да се веат над Струмица! 🔵⚪️



























