СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против шест лица од струмичкото село Просениково поради сомнение дека сториле повеќе кривични дела.
Кривичната пријава е поднесена против Б.Д. (22), Т.Ј. (49), С.Д. (47), В.М. (36), Г.Т. (42) и М.Т. (21) поради сомнение за сторено кривично дело „насилство“. Т.Ј. и Г.Т. се осомничени и за „противправно лишување од слобода“, додека Б.Д. се сомничи и за „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Според информациите од полицијата, на 24 јули 2026 година, околу 21:20 часот, пријавените насилно влегле во домот на К.Ѓ. во селото Сарај и физички нападнале седум лица и две малолетни лица, нанесувајќи им телесни повреди. Во еден момент, Т.Ј. и Г.Т. се обиделе против нејзина волја да ја однесат Р.Ѓ. со нив.
При преземањето службени дејствија за расчистување на случајот, Б.Д. агресивно се однесувал кон полициските службеници и физички нападнал двајца од нив.
Шестемина биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Струмица, а за настанот бил известен јавен обвинител од ОЈО Струмица.
За време на инцидентот, К.Ѓ. излегол на терасата од куќата и со ловечка пушка испукал два куршума во воздух. По целосното документирање на случајот, полицијата најави дека и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.





















