Младиот струмички пијанист Стефан Ончев постигна уште еден значаен успех на меѓународната музичка сцена, освојувајќи ја Специјалната награда за најдобра изведба на дело од македонски композитор, која ја доделува СОКОМ, на јубилејното 25. издание на Интернационалниот натпревар „Охридски бисери“.
Тринаесетгодишниот талентиран музичар, кој е ученик во класата на м-р Марија Максимова, признанието го доби за својата впечатлива интерпретација на делото „Поема во А“ од истакнатиот македонски композитор Борис Светиев.
Наградата му беше врачена по настапот на Завршниот концерт на лауреатите, кој се одржа во уникатниот амбиент на црквата „Света Софија“ во Охрид. Со својата музичка изведба, Ончев остави силен впечаток кај меѓународното стручно жири составено од еминентни музички уметници и педагози.
На годинашниот натпревар учествуваа млади музичари од повеќе земји, меѓу кои Кина, Полска, Србија, Грузија, Германија, Албанија, Бугарија и Македонија, што дополнително го истакнува значењето на освоеното признание.
Оваа награда претставува уште една потврда за талентот, посветеноста и континуираниот уметнички развој на младиот Струмичанец, кој со своите успеси достојно ги претставува Струмица и Македонија на домашната и меѓународната музичка сцена.




















