Со положување свежо цвеќе пред Споменикот на загинатите бранители на булеварот „Маршал Тито“ во Струмица, денес беше одбележана 25-годишнината од загинувањето на македонските бранители Атанас Јанев и Кољо Китанов.
На одбележувањето присуствуваа директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, претставници на СВР Струмица, како и членови на семејствата Јаневи и Китанови, кои им оддадоа почит на двајцата струмичани што ги положија своите животи во одбрана на татковината.
Нивната жртва и храброст продолжуваат да бидат симбол на патриотизам, пожртвуваност и љубов кон татковината, а нивните имиња остануваат трајно врежани во колективната меморија на народот.
Од присутните беше истакнато дека должност на сегашните и идните генерации е да го чуваат споменот за загинатите бранители и да ја пренесуваат нивната приказна како потсетник дека слободата и мирот се вредности кои често биле платени со најголемата жртва.
Во знак на благодарност и почит кон нивното дело, беше упатена порака дека споменот за Атанас Јанев и Кољо Китанов ќе продолжи да живее како дел од македонската историја и национална меморија.
Вечна им слава и благодарност.





















