strumica denes logo

ГОЛЕМО НАМАЛУВАЊЕ ОД ПОЛНОЌ: Дизелот ќe поевтини за 7 денари, бензините до 4 денари по литар – Македонија со најевтини горива од соседите!

Автор:

Датум:

јуни 22, 2026

Автор:

Датум:

јуни 22, 2026

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) значително ги намали цените на нафтените деривати, со што дизелот ќе е поевтинин за седум денари по литар, додека бензините од полноќ ќе се продаваат по цени пониски за 3,5 до 4 денари.

Според одлуката на РКЕ, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 84 денари за литар (1,37 евра/л), додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 86 денари за литар (1,40 евра/л). Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе се намали на 80,50 денари за литар (1,31 евра/л).

Поевтинување има и кај екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), кое ќе чини 79,50 денари за литар, додека мазутот М-1 НС ќе се продава по цена од 42,291 денари за килограм.

Од РКЕ информираат дека со најновата одлука се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 6,61 проценти во однос на претходната пресметка од 15 јуни.

– Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 8,216 проценти, кај дизелот за 12,699 проценти, кај екстра лесното масло за 12,354 проценти, а кај мазутот за 11,352 проценти – наведуваат од Регулаторната комисија.

Во образложението на одлуката се посочува дека дополнително влијание врз пресметката имал и курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој во анализираниот период бил понизок за 0,0396 проценти во споредба со претходната пресметка.

Од регулаторот нагласуваат дека утврдените износи претставуваат највисоки малопродажни цени.

– Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените и пониско од највисоките утврдени цени – соопштија од РКЕ.

Најновата одлука практично ги потврди очекувањата што претходно ги изнесе премиерот Христијан Мицкоски, кој најави дека според владините анализи е можно намалување на цените на горивата.

– Јас стојам на ставот, нашите математики се тие, треба да ги видиме математиките на Регулаторната комисија, но очекувам поевтинување на бензините од 2,5 до 3 денари и околу 7 денари на дизелот. Но, да почекаме регулаторот – изјави викендов Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за состојбите на светскиот нафтен пазар.

Тој оцени дека движењата на меѓународните пазари постепено се стабилизираат и оти во наредниот период цената на суровата нафта би можела да се движи околу 80 долари за барел.

– Очекувам во периодов цената да се движи околу 80 долари за барел, отприлика тука некаде, плус-минус некој долар – рече премиерот.

Намалувањето на цените на горивата доаѓа како резултат на падот на референтните цени на светските берзи, што директно се рефлектира во домашната методологија за формирање на цените. Најголемото намалување е регистрирано кај дизелот, кој е од особено значење за транспортниот сектор и стопанството, што би можело да придонесе за ублажување на трошоците во повеќе економски дејности.

По најновото поевтинување, Македонија повторно ќе има убедливо најевтин дизел и едни од најниските цени на бензините во регионот. Во однос на Грција, дизелот ќе биде поевтин за речиси 0,40 евра по литар, а бензинот за околу 0,60 евра по литар. Тоа значи дека за полнење резервоар од 50 литри бензин, возач во Македонија ќе плати речиси 1.950 денари помалку отколку во Грција. Кај дизелот, за истиот резервоар заштедата достигнува околу 1.200 денари.

Во споредба со Србија, разликата е најизразена. Македонските возачи сега плаќаат околу 34 денари помалку за литар бензин и дури 54 денари помалку за литар дизел. Тоа значи дека за резервоар од 50 литри дизел, возач во Македонија ќе заштеди околу 2.700 денари во однос на возач во Србија.

Во однос на Косово, бензинот во Македонија е поевтин за околу 7 денари по литар, а дизелот за околу 11 денари. При полнење на резервоар од 50 литри, тоа претставува заштеда од 350 до 550 денари.

Споредбата со Бугарија покажува дека македонските граѓани плаќаат околу 9 денари помалку за литар бензин и околу 18 денари помалку за литар дизел. За едно целосно полнење на резервоар од 50 литри дизел, разликата достигнува околу 900 денари.

Значителна останува и предноста во однос на Албанија. Бензинот во Македонија е поевтин за околу 26 денари по литар, додека дизелот е поевтин за околу 25 денари. Кај возилата со резервоар од 50 литри тоа значи заштеда од над 1.200 денари при едно полнење.