strumica denes logo

КК „СТРУМИЦА 2001“: СЕ УВЕРИВМЕ ВО ЗАЛОЖБИТЕ И ПОДГОТВЕНОСТА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЗА ПОДДРШКА И УНАПРЕДУВАЊЕ НА СПОРТОТ ВО СТРУМИЦА – АПЕЛИРАМЕ СПОРТОТ ДА ОСТАНЕ НАДВОР ОД ПОЛИТИЧКИТЕ ПРЕПУКУВАЊА!

Автор:

Датум:

мај 22, 2026

Автор:

Датум:

мај 22, 2026

Кошаркарскиот клуб „Струмица 2001“ преку соопштение до јавноста се огласи во врска со актуелните случувања поврзани со иницијативата за доделување парични средства за спортските клубови на седница на Советот на Општина Струмица, притоа нагласувајќи дека спортот не смее да биде ставен во дневно-политички контекст.

ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ПО РЕКЛАМАТА: ПРОДОЛЖЕНИЕ:

Од клубот истакнуваат дека внимателно ги следат случувањата, но јасно се оградуваат од какви било политички препукувања и активности во кои спортските колективи би биле вовлечени во политички пресметки.

Според нив, спортот треба да остане обединувачка сила во општеството, простор каде што сите чинители ќе соработуваат исклучиво во интерес на спортистите, младите и граѓаните. Од клубот сметаат дека Општина Струмица, спортските клубови, институциите и политичките субјекти треба заеднички да работат на создавање долгорочна спортска политика, унапредување на спортската култура и обезбедување подобри услови за развој на спортот.

Во соопштението се посочува дека на Струмица ѝ се потребни нова спортска инфраструктура, подобри услови за работа и континуирана поддршка за спортот, согласно реалните потреби на спортските колективи и граѓаните.

КК „Струмица 2001“ истакнува и дека во изминатиот период се увериле во заложбите и подготвеноста на актуелниот градоначалник, Советот на Општина Струмица и надлежните институции за унапредување и поддршка на спортските клубови во градот.

Воедно, од клубот апелираат политичките партии да ги остават спортските клубови надвор од меѓусебните политички пресметки, потенцирајќи дека нивниот фокус останува насочен кон спортот, младите спортисти, успесите на клубовите и афирмацијата на Струмица како град на спортот.