Откако на порталот „Струмица Денес“ беше објавена видео снимка на која се гледа опасно и безобѕирно управување со четирицикл на улица во Струмица, во близина на средното училиште „Димитар Влахов“, полициските службеници од СВР Струмица презеле оперативни мерки за расчистување на случајот.
По преземените активности, биле пронајдени возилото и лицето кое управувало со него, при што било утврдено дека станува збор за малолетно лице од Струмица. Во присуство на родител, бил извршен службен разговор, при што малолетното лице признало дека го управувало четирициклот и изведувало опасни маневри, кревајќи го возилото на две тркала.
При контролата било констатирано дека четирициклот бил нерегистриран, а малолетното лице управувало без возачка дозвола, поради што случајот е квалификуван како кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“. За настанот бил известен јавен обвинител, а возилото е одземено.
Овој случај доаѓа во време кога министерот за внатрешни работи Панче Тошковски испрати остра порака во однос на несовесното и опасно однесување на патиштата, истакнувајќи дека за оние што, како што рече, „глумат“ моторџии и со дивеење ја загрозуваат безбедноста на граѓаните, ќе следуваат ригорозни мерки и санкции.























