Порталот Струмица Денес покренува иницијатива атлетската патека на сегашниот стадион „Благој Истатов“ во Струмица да го носи името на еден од најпрепознатливите спортски симболи на градот – првиот струмички маратонец Никола (Коле) Качурков, познат меѓу струмичани како „Коле Качурката“ или едноставно „Маратонецот“.
Станува збор за човек кој оставил значаен белег во спортската историја на Струмица. Роден на 30 декември 1950 година, Никола Качурков на 25 мај 1977 година го истрчал својот препознатлив маратон од Радовиш до Струмица, во должина од 30 километри, носејќи штафета по повод отворањето на тогашниот стадион „Младост“ во Струмица.
Коле Качурката беше препознатлив по својата спортска посветеност, упорност и љубов кон атлетиката, поради што и го добил прекарот „Маратонецот“.
Неговото име останува поврзано и со развојот на атлетиката во Струмица, а во одреден период бил и тренер на Ване Стојанов – познат атлетичар, олимпиец и рекордер.
Преку оваа иницијатива, Струмица Денес апелира до надлежните институции и спортски чинители да му оддадат заслужено признание на човекот кој беше пионер на маратонот и атлетиката во Струмица.
Именувањето на атлетската патека по неговото име би било достоен начин за зачувување на споменот за една вистинска струмичка спортска легенда и инспирација за идните генерации спортисти.






















