Во Струмица официјално е пуштена во употреба новата трафостаница „Дабиле 2“, која претставува најголемиот инвестициски проект на КЕЦ Струмица за 2026 година. На активирањето на новиот енергетски капацитет присуствувале градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, и раководителот на КЕЦ Струмица, Мартин Димовски.
Новата трафостаница е опремена со современи среднонапонски SF6 ќелии и располага со зголемен трансформаторски капацитет од 1250 kVA, што овозможува прифаќање на корисници кои досега биле снабдувани од друга трафостаница, со што значително ќе се подобри стабилноста и квалитетот на снабдувањето со електрична енергија во овој дел од општината.
Со реализацијата на овој проект, предвидено е демонтирање на стариот надземен далековод во областа, а снабдувањето со електрична енергија во иднина ќе се одвива преку подземна дистрибутивна мрежа со значително поголем капацитет. Ова, покрај подобрувањето на енергетската сигурност за домаќинствата, ќе создаде и подобри услови за идниот развој на индустриските капацитети во овој дел од Струмица.
Од Општина Струмица потенцираат дека соработката со Електродистрибуција има клучно значење за развојот на локалната инфраструктура, особено во области каде што е забележана засилена урбанизација и индустријализација, а модернизацијата на електроенергетската мрежа е важен предуслов за понатамошен економски развој.





















