Струмичката компанија АНТОЛИНИ Корпорејшн Груп која се занимава со гранит и мермер, склучи петгодишен договор за соработка со американската компанија „Краун Интернешнл Инкорпорејтед“, во сопственост на Стојан Бакалов, со што се отвора ново поглавје во нивното меѓународно делување.
Договорот има поддршка и од значајни американски кругови, меѓу кои и поранешниот гувернер на Арканзас, Аса Хачинсон, кој го потпишал и поддржал бизнис планот на компанијата.
Од АНТОЛИНИ информираат дека ова партнерство е дел од нивната стратегија за проширување на странските пазари и зајакнување на позицијата во индустрискиот сектор. Компанијата веќе работи на повеќе полиња, вклучувајќи производство на ПВЦ прозорци, керамика, како и извоз на мермерни производи.
Директорот Илија Јанков посочува дека ваквите соработки се клучни за понатамошен раст, додавајќи дека компанијата останува фокусирана на нови инвестиции и регионални партнерства.
Со овој договор, АНТОЛИНИ дополнително ја потврдува својата амбиција за посилно присуство на меѓународниот пазар и развој на бизнис со глобален карактер.





















