Во ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ во Струмица беше одржано едукативно предавање на тема „Одговорно слави го успехот“, наменето за матурантите во училиштето.
Предавањето го реализираа претставници од Отсекот за превенција, инспектор од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Струмица, претставник на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП) – Струмица, како и стручни служби од училиштето.
Во рамки на предавањето беа опфатени повеќе значајни теми, меѓу кои насилството, злоупотребата на психотропни супстанции и алкохол, безбедноста во сообраќајот со посебен акцент на младите возачи, како и улогата на полицијата во општеството.
Преку оваа едукативна активност, учениците беа поттикнати на одговорно однесување и свесно прославување на матурските вечери, со цел нивниот успех да биде одбележан безбедно, достоинствено и без несакани последици.



























