НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица ја информира јавноста дека започнува процесот на подготовка за реставрација на фрескоживописот на старата црква „Св. Атанасиј Велики“ во село Габрово, гевгелиско.
Во рамки на планираните активности, во тек е изработка на основните проекти за реставрација, по чие финализирање ќе следи спроведување на постапка за јавна набавка за архитектонските зафати, како и отпочнување на теренските активности.
Црквата „Св. Атанасиј Велики“ претставува значајно духовно и културно наследство за регионот, со особена вредност преку својот фрескоживопис, кој сведочи за богатата традиција и уметничко изразување од минатото.
Согласно најавената динамика, реализацијата на проектот е планирана да започне во јуни оваа година, при што за овие активности се обезбедени финансиски средства во износ од 720.000 денари од страна на Министерството за култура и туризам.
НУ Завод и Музеј – Струмица и понатаму останува посветен на заштитата, зачувувањето и унапредувањето на културното наследство, преку континуирани активности и проекти од национално значење.
























