Општина Василево воведе бесплатен јавен Wi-Fi на повеќе локации, овозможувајќи им на граѓаните и посетителите лесен и безбеден пристап до интернет.
Како што информираше градоначалникот Славе Андонов, бесплатната интернет мрежа е веќе достапна во Домот на културата во Василево и во паркот „Методиј Митев“, каде корисниците можат непречено да се поврзат и да ги користат дигиталните услуги.
Проектот е реализиран во рамки на иницијативата WiFi4WB, чија цел е да обезбеди бесплатен јавен интернет низ земјава и целиот регион на Западен Балкан. Со ова, Василево станува дел од мрежата на околу 500 општини кои добиваат ваков тип на поврзаност, следејќи го примерот на европската програма WiFi4EU.
Финансиската поддршка за проектот е обезбедена од Европската Унија и Владата на Сојузна Република Германија, додека имплементацијата ја спроведува GIZ во рамки на проектот EU4Digital.
Од Општината посочуваат дека оваа иницијатива претставува значаен чекор кон дигитализација и подобрување на секојдневието на граѓаните, со порака сите да се поврзат, информираат и активно да бидат дел од дигиталното Василево.
























