Вечерва на овој стадион во градот Копенхаген, фудбалската репрезентација на Македонија се соочува со Данска во првиот натпревар од плеј-офот за пласман на Светското првенство.
Селекторот Гоце Седлоски и капитенот Енис Барди на прес-конференција изјавија дека тимот е подготвен и дека ќе дадат сè од себе за да се вратат со кренати глави во Скопје.
„Знаеме каде се слабите и силните страни на Данска. Тие знаат да играат офанзивен фудбал. Се подготвувавме во овие три дена што бевме заедно, направивме доволно анализи и разговаравме како да ги запреме нивните најсилни квалитети. Така што мислам дека сме подготвени за сè“, вели Енис Барди.
„Нашата цел е да дојдеме тука, да играме и иако сите мислат дека не сме фаворити… улогата на фаворит ѝ ја оставаме на Данска. Но понекогаш фаворитите не победуваат. Нашата цел е да ја елиминираме Данска“, вели Гоце Седлоски.
Седлоски ќе дебитира на најважниот натпревар во својата тренерска кариера. Списокот на фудбалери што го избра е малку променет од последниот на Милевски. Иако ги повика, Седлоски одлучи Решат Рамадани, Имран Фетаи, Лука Станковски и Тихомир Костадинов да ги испрати на трибините.
Претходно, поради повреда, на овој натпревар ќе отсуствува левиот бек Езгјан Алиоски.
Кај Данска, селекторот Ример има многу проблеми со повреди. Недостасуваат: Андреас Кристенсен, Патрик Доргу, Јоаким Андерсен, Кристенсен и двајцата главни голмани, Шмајхел и Јоргенсен. Со Данска досега имаме одиграно три меѓусебни натпревари, со една победа, еден пораз и едно реми.
Натпреварот на стадионот „Паркен“ во Копенхаген започнува во 20:45 часот.
Вечерва на програмата се и другите полуфинални натпревари од плеј-офот за Светското првенство. Албанија и Косово се меѓу 16-те репрезентации што се борат за билет за Светското првенство. Од овие плеј-оф натпревари, четири репрезентации ќе обезбедат учество на турнирот што ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.



























