Струмица денеска е домаќин на Државното првенство во шах за ученици од основните и средните училишта во Македонија. Натпреварувањето се одржува во спортската сала при СОУ „Јане Сандански“, каде што се собраа најдобрите млади шахисти од целата држава.
Првенството официјално го отвори градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, кој на присутните им посака топло добредојде и успешни натпревари. Тој истакна дека Струмица континуирано вложува во младите, спортот и образованието, и упати благодарност до Федерацијата на училишен спорт на Македонија и до Општинскиот сојуз на училишен спорт – Струмица за организацијата на овој значаен настан.
„Особено ме радува што денес тука се најдобрите млади шахисти од основните и средните училишта од цела Македонија. Вие сте пример дека младите можат да се натпреваруваат со знаење и интелигенција.
Верувам дека токму меѓу вас се идните шампиони кои ќе ја претставуваат нашата држава и на меѓународната шаховска сцена. Шахот е многу повеќе од игра, тој ги развива размислувањето, трпението, дисциплината и стратегијата, кои ве градат не само како натпреварувачи, туку и како личности“, истакна Јанков.
На Државното првенство во шах, кое е поддржано од општина Струмица и градоначалникот Петар Јанков, учествуваат вкупно 213 ученици – момчиња и девојчиња од основните и средните училишта од цела Македонија.
Овој настан уште еднаш ја потврдува Струмица како значаен центар за развој на училишниот спорт и поддршка на младите таленти во државата.



























