strumica denes logo

РАНА ШТО НЕ ЗАРАСНУВА: УЧЕНИЦИТЕ ОД СОУУД „ДИМИТАР ВЛАХОВ“ СО НИЗА НАСТАНИ КОИ ИСПРАЌААТ ПОРАКИ ЗА СОЛИДАРНОСТ И ПОДДРШКА ДО СЕМЕЈСТВАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“

Автор:

Датум:

март 16, 2026

Автор:

Датум:

март 16, 2026

На денешен ден, пред точно една година, Македонија и светот беа потресени од трагичен и немил настан кој однесе многу млади животи и остави длабока болка во срцата на илјадници луѓе. Една година подоцна, раната сè уште не зараснува, а сеќавањето на изгубените животи продолжува да живее во мислите на нивните најблиски, пријатели и сограѓани.

Меѓу оние кои прерано го загубија својот живот беше и Ѓорѓи од Струмица – талентирано и добро дете, кое со својата насмевка, скромност и љубов кон музиката остави силен белег меѓу сите што го познаваа.

Во негова чест, како и во чест на сите настрадани, учениците од Ученичкиот дом при СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица денес организираат низа активности со кои испраќаат пораки за солидарност, почит и поддршка до семејствата на загинатите.

Во утринските часови учениците заедно засадија дрвца во Градскиот парк во Струмица – симбол на животот, сеќавањето и надежта. Со овој гест тие испратија порака дека споменот за младите животи никогаш нема да згасне.

Активностите продолжуваат и попладне, кога со почеток од 17:00 часот во спортската сала на СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица ќе се одржи хуманитарен меморијален фудбалски турнир, посветен на споменот на Ѓорѓи и на сите млади животи кои трагично згаснаа.

Со овие настани младите испраќаат силна порака – ваквите трагедии никогаш да не се повторат, а сеќавањето на настраданите да остане вечно.

Бог да ги прости. 🕊️