Денес во Кочани беше оддадена тивка, но длабока почит кон невините животи што прерано згаснаа во трагедијата која ја потресе целата јавност. И една година подоцна, болката и празнината сè уште силно се чувствуваат, но заедно со нив живее и сеќавањето на недовршените соништа и младите животи кои останаа во срцата на нивните најблиски.
Во знак на почит кон настраданите и солидарност со нивните семејства, во Кочани беше отворена книга на жалост во која присутните имаа можност да остават пораки на сочувство и сеќавање. Меѓу присутните беше изразена длабока почит кон жртвите преку потпишување во книгата на жалост – гест што претставува искрен чин на почит и човечка солидарност.
Во рамките на одбележувањето се одржа и комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“, во Центарот за култура „Бели мугри“, каде присутните се потсетија на трагедијата и им оддадоа почит на оние што ги загубија животите.
Споменот за настраданите останува вечен, а пораката од денешниот настан беше јасна, заедничката човечност, солидарност и единство се силата што треба да нè води напред.
Со длабоко сочувство кон семејствата на жртвите, Кочани памети, Македонија памети.



























