По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, волонтерите од Клубот на млади при Општинската организација на Црвен крст Струмица реализираа хуман гест и ја одбележаа оваа значајна дата со делење цвеќиња.
Со овој симболичен, но искрен знак на внимание, младите волонтери им го честитаа празникот на жените и им подарија насмевки и убави желби.
Цвеќињата беа поделени на голем број жени кои во тој момент се движеа низ централното градско подрачје, но и на пациентките и вработените во Општата болница во Струмица. Гестот предизвика позитивни реакции и искрени насмевки кај многумина, а волонтерите уште еднаш покажаа дека малите знаци на внимание можат да направат голема разлика во нечиј ден.
Од Клубот на млади при Црвен крст Струмица посакуваат насмевките што ги измамија на лицата на жените да бидат дел од нивното секојдневие, а тие да бидат неизмерно среќни, задоволни и сакани.
Со порака на почит и благодарност до сите жени, волонтерите им го честитаа празникот и им посакаа среќен 8 Март.



























