Премиерот, Христијан Мицкоски, информираше дека на денешната седница на Економско-социјалниот совет на дневен ред е Информација за висината на минималната плата, укажувајќи дека очекува да помине оваа Информација утре на владина седница.
„Денеска на дневен ред е информација за висината на минималната плата, која ќе биде во 2026 година согласно закон. Очекувам на следната владина седница да го поминеме ова и како Влада и потоа нормално согласно висината на минималната плата од април за март да почне истата да се исплатува“, истакна Мицкоски и додаде дека очекува бипартитниот дијалог меѓу работодавците и работниците да продолжи во иднина да се интензивира.
„Очекуваме да продолжи и да се интензивира бипартитниот дијалог помеѓу работодавачите и работниците. Ние како Влада секогаш стоиме на располагање да помогнеме во рамките на нашите можности и ингеренции. Се што е во рамките на институциите, институционален дијалог треба да се охрабри, затоа што само така може да се дојде до конструктивно решение. Вонинституционални механизми секогаш постојат, демократска држава е Македонија, но ценам дека искуство вели дека се што е во рамки на институциите носи решение. А се што е надвор од рамките на институциите, мислам дека не само што не носи решенија, туку апсолутно ги поларизира нештата“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека изминатиот период е постигнат договор со синдикатите УПОЗ и САДУ за повисоки плати на административците, посочувајќи дека во тој договор влегле и други синдикални организации кои што не биле дел од првичните преговори.
„Што се однесува до останатите параметри, нашиот став е јасен за јавноста и тука немаме никаква дилема. Последното кое што требаше да го затвориме како би рекол условно кажано отворено прашање, тоа беше договорот кој го потпишавме со синдикатите УПОЗ и САДУ и тоа го завршивме. Таму беа додадени и други синдикати кои што првично не беа дел од преговорите, но сакавме да имаме што е можно поголем опфат, и со тоа ние го затворивме и тоа отворено прашање, кое што некако лебдеше и на дел од седниците на Економско-социјалниот совет“, кажа Мицкоски.




























