Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, соопшти дека денот го заокружиле со „многу успешни и инспиративни“ средби со голем број мултинационални компании, при што биле отворени теми од областа на енергетиката, здравството и високата технологија. Тој нагласи дека од македонска страна биле претставени можностите за инвестиции во земјата, кои, како што истакна, би значеле додадена вредност за домашната економија.
Според Мицкоски, вториот дел од денот бил посветен на Панелот за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, каде што тој учествувал како говорник, заедно со претставници на светското водство во енергетскиот бизнис и компании од повеќе континенти.
Во обраќањето по панелот, премиерот посочи дека дискусиите биле насочени кон очекувањата и плановите во енергетиката во наредните години, при што како клучен заклучок ја издвоил проценката дека потребата од електрична енергија ќе расте, особено поради развојот на вештачката интелигенција и порастот на центрите за податоци, кои функционираат на електрична енергија.
Тој додаде дека државата треба да го следи овој тренд и во таа насока да ја развива економијата, изразувајќи уверување дека Македонија ќе успее да одговори на идните предизвици и потреби во енергетскиот сектор.
























