Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска (26 јануари 2026) упати јавен повик до сите инфлуенсери, јутјубери и влогери веднаш да го регулираат својот статус. Со законските измени, тие веќе не се само хобисти, туку официјални „даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање“ и мора да се впишат во Регистарот на Агенцијата.
Оваа обврска произлегува од измените на медиумската легислатива донесени уште во јули 2023 година, со кои за првпат официјално се препозна влијанието на креаторите на содржини на социјалните мрежи.
Кој МОРА да се регистрира?
Не секој што има профил на социјалните мрежи подлежи на оваа обврска. АВМУ прецизираше пет клучни критериуми. Обврската за регистрација важи за оние физички лица кои кумулативно ги исполнуваат следниве услови:
Платформа: Објавуваат видеа преку платформи како YouTube, Instagram, TikTok и слично.
Публика: Имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници.
Заработка: Остваруваат економски интерес (профит/заработка) од таа услуга.
Активност: Во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини.
Цел и одговорност: Целта на содржините е да информираат, образуваат или забавуваат, а креаторот има уредничка одговорност за нив.
Како да се пријавите?
Агенцијата апелира до сите што ги исполнуваат условите да поднесат пријава во „најскоро можно време“.
Сите формулари и потребни документи се достапни на веб-страницата www.avmu.mk, во посебниот банер насловен „Инфлуенсери/Влогери“.
За сите нејаснотии, отворена е посебна електронска адреса за комуникација: influenseri@avmu.mk.
























