Ева Нистрова, родена 2014 година, член на ТК „Нет“ – Струмица, претставува вистинска гордост за струмичкиот и македонскиот тенис. Со тенис започнала да тренира на само петгодишна возраст, покажувајќи талент и посветеност уште од најраните години.
Во моментов, младата струмичанка настапува на Европското првенство во тенис до 12 години – „Tennis Europe U12“, кое се одржува во Биел, Швајцарија. На овој престижен меѓународен турнир, Ева досега има одиграно два натпревари и остварено две победи – против тенисерки од Романија и од Швајцарија.
Овој успех има посебна тежина, бидејќи досега ниту еден тенисер или тенисерка од Струмица до 12-годишна возраст нема настапувано и постигнато ваков резултат на европско ниво.
Успехот на Ева Нистрова претставува значаен чекор напред за струмичкиот тенис и силна мотивација за младите спортски надежи во градот.
























