Периодот на временски турбуленции привремено запира. Синоптичарите за оваа работна недела најавуваат краткотраен одмор од врнежите, но предупредуваат дека викендот носи нова промена на метеоролошката слика.
Според најновата прогноза на УХМР, сè до петок ќе се задржи стабилно и суво време. Сепак, типично за овој дел од годината, утрата во одредени делови од земјата ќе бидат со намалена видливост – се очекува појава на утринска магла по котлините, па возачите се советуваат на внимателност во раните часови.
Она што ќе ги израдува граѓаните е температурната слика. Живата во термометарот ќе биде во постепен благ пораст, што ќе донесе попријатни и потопли дневни часови во споредба со претходните денови.
Викенд заладување и снег на планините
Ваквата стабилност ќе трае само до крајот на работната недела. Во деновите од викендот настапува промена. Облачноста ќе се зголеми, а со неа пристигнуваат и врнежите.
Метеоролозите најавуваат услови за слаби локални врнежи од дожд, додека на повисоките места и на планините се очекува дождот да помине во снег.
Со новите врнежи доаѓа и ново освежување – дневната температура која ќе расте во текот на неделата, за викендот повторно ќе биде во опаѓање.
























