В.д. директорот на ЈПЗБК „Лана“ – Струмица, Михаилов Томе, се огласи по повод актуелните реакции и прашања од граѓаните поврзани со присуството на поголема група бездомни кучиња во Карпош маало.
Тој информира дека станува збор за група кучиња која континуирано се следи уште од неговото стапување на функцијата, но при што, како што посочува, постојат сериозни потешкотии при нивното заловување. Според Михаилов, дел од граѓаните на терен активно го отежнуваат процесот, што дополнително ја усложнува работата на екипите на претпријатието.
„Во одредени стамбени комплекси има спротивставени ставови – едни сограѓани сакаат кучињата да бидат заловени, додека други тоа не го дозволуваат, со што се создаваат услови кои ја прават интервенцијата значително потешка“, посочува Михаилов.
Од ЈПЗБК Лана потенцираат дека ќе постапуваат исклучиво во рамки на законските обврски и надлежности и дека состојбата ќе биде надмината не само во Карпош маало, туку и во останатите делови на Струмица, околните населени места и општините каде што претпријатието има ингеренции.
Воедно, в.д. директорот упати апел до граѓаните да соработуваат и да помогнат, наместо да ја попречуваат работата на службите, со цел кучињата безбедно да бидат заловени и вдомени, а граѓаните да се чувствуваат сигурно.
Тој апелира и до јавноста да се зголеми бројот на вдомувања на кучиња од стационарот, со што би се ослободиле капацитетите, но истакна дека најважен сегмент останува одговорното сопствеништво, како клучен чекор за долгорочно решавање на проблемот со бездомните животни.

























