Сè почесто, во јавниот простор и во академските кругови, се отвора прашањето дали Исус Христос може да се разгледува не само како централна фигура на христијанската вера, туку и како историска личност потврдена од изворите на своето време. Токму на таа пресечна линија меѓу науката и духовноста, историчарот Јане Киров нуди аргументиран и смирен осврт кон постоењето на Христос, потпирајќи се на пишани сведоштва, контекстот на I век и ставовите на античките автори. Во продолжение, текстот го пренесуваме во целост и без интервенции.
Прашањето за постоењето на Исус Христос не е само теолошко, туку и историско. Историската наука, кога ги занемарува метафизичките толкувања, тргнува од анализата на изворите и контекстот на времето во кое тој живеел. Станува збор за период од почетокот на I век, во рамки на Римската империја, време без печат, со ограничена писменост и бавен пренос на информации, во кое сепак името на Исус се појавува релативно рано и упорно во различни извори.
Најстарите зачувани записи што го споменуваат Христос се Посланијата на апостол Павле, напишани само две до три децении по Неговото распетие. Во нив Исус не е претставен како митска фигура, туку како реална личност што живеела, пострадала и оставила длабока трага кај своите следбеници. Наскоро по овие текстови, животот и делото на Христос се опишуваат и во евангелските записи, создадени во време кога сè уште биле живи сведоци или луѓе кои непосредно ги познавале Неговите ученици.
Особено значајно е тоа што Исус е споменат и од нехристијански автори. Еврејскиот историчар Јосиф Флавиј сведочи за Исус и за Неговото семејство, додека римскиот историчар Тацит ја потврдува Неговата смрт под управата на Понтиј Пилат. Плиниј Младиот пак, опишува заедници кои Му се молат на Христос како на Бог. Овие сведоштва се особено важни бидејќи доаѓаат од автори кои не биле наклонети кон христијанството, што им дава силна историска тежина.
Од верско-историски аспект, Исус Христос не е само фигура од минатото, туку личност која го надминала своето време.
Историчарите може да расправаат за деталите, но ретко кој сериозен истражувач го негира Неговото постоење. Зашто, тешко е да се замисли дека едно толку моќно духовно движење, што го преобразило светот, би произлегло од измислена личност. Христос стои на раскрсницата меѓу историјата и верата, како човек во времето и како Спасител во вечноста.
Раскажувајте го чудото. Бог е на земјата, Христос се роди!



























