ЈПКД „Комуналец“ – Струмица со новогодишна порака до граѓаните упати апел за заедништво и поголема грижа за јавниот интерес, посочувајќи дека во 2026 година приоритет треба да бидат чист и уреден град, свежа и безбедна вода за пиење, средени паркови и детски игралишта, како и одржана инфраструктура.
Од претпријатието потенцираат дека нивната цел е услугите да бидат брзи и навремени, но истовремено нагласуваат дека за квалитетен заеднички живот неопходна е висока свест и одговорност кај секој поединец.
Во обраќањето, „Комуналец“ информира дека финансиската состојба на јавното претпријатие не е завидна. Според податоците со датум 14.11.2025 година, вкупните обврски изнесуваат 541 милион денари. Од нив, обврските кон добавувачи се 386 милиони денари, при што 82 милиони денари се обврски кон Општина Струмица за отплата на ануитет.
Од претпријатието појаснуваат дека бројките не се објавуваат во пресрет на празниците со цел да се избегне или префрли одговорноста, туку како транспарентен приказ на реалната состојба. Посочуваат дека функционирањето на „Комуналец“ е заедничка одговорност на вработените, раководството, но и на сите граѓани кои ја сакаат својата Струмица.
„Комуналец“ истакнува дека со голема енергија ги реализира секојдневните активности и планирањата, а во Новата 2026 година најавува обврзување на високи стандарди во работењето.
На крајот од пораката, претпријатието упати честитки по повод претстојните празници и повик за заеднички напори Струмица да остане чиста и убава – за сегашните и идните генерации, посакувајќи им на граѓаните здрава и успешна Нова 2026 година и Честит Божиќ.



























