Во пресрет на новогодишните празници, Општина Василево годинава за првпат организираше новогодишна забава посветена на најмладите жители – првооделенците.
Во рамки на предновогодишната програма, во центарот на општината денеска беа собрани првооделенците од двете централни училишта, а просторот пред општинската зграда беше исполнет со празнична атмосфера и детска радост. Одекнуваа детски гласови и музика, а најмладите со насмевки го доживеаја празничниот дух што го носат овие денови.
Посебен момент на настанот беше присуството на Дедо Мраз, кој заедно со претставници на општината подели новогодишни пакетчиња на сите првооделенци. Преку оваа симболична активност беа испратени пораки за добро здравје, среќа и успешна Нова година, како и желби децата да растат здрави, умни и весели и со ентузијазам да чекорат по патот на знаењето.
Од Општина Василево посочуваат дека ваквите настани имаат за цел да донесат радост кај најмладите и да создадат убави празнични спомени, најавувајќи дека традицијата ќе продолжи и во иднина.
На крајот од дружењето, на сите граѓани им беше упатена честитка за среќна и успешна Нова година.


























