Градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, информира дека Томе Михаилов е избран за нов директор на Јавното претпријатие за заловување и третман на бездомни кучиња „Стационар – Лана“.
Михаилов е ветеринарен техничар и дипломиран земјоделски инженер, со претходно работно искуство како државен фитосанитарен инспектор, што, според општината, претставува значајна основа за ефикасно и стручно менаџирање на претпријатието.
На работната средба со градоначалникот Јанков, биле потврдени заедничките заложби за хумано постапување со бездомните животни, унапредување на условите за нивно згрижување и спроведување ефикасни мерки за справување со проблемот на терен. Двајцата соговорници истакнале дека преку координирана работа, размена на информации и внимателно планирани активности ќе се обезбеди поодговорен и одржлив систем кој ќе придонесе за побезбедна и похумана заедница за сите.























