Инспекторите од Секторот за инспекциски работи при општина Струмица, во периодот од 1 до 24 ноември 2025 година, спровеле вкупно 43 вонредни инспекциски надзори. Активностите се реализирани со цел превентивно и репресивно делување за спречување или намалување на штетните последици од загадувањето на амбиентниот воздух, деградацијата на животната средина, како и за обезбедување на јавната чистота на јавните површини, согласно важечките законски прописи.
Една од локациите на која бил извршен вонреден инспекциски надзор е улицата „Антон Панов“, каде што, како што констатирале инспекторите, многу често се фрла отпад од стари моторни возила на земјиште во сопственост на правни и физички лица, како и на јавна површина.
Во координација и соработка со Секторот за внатрешни работи Струмица, од страна на општинските инспектори се обезбедени материјални докази за понатамошен кривичен прогон против сторителите.
Во наведениот период, општинскиот инспектор за животна средина извршил 12 вонредни инспекциски надзори, општинските комунални инспектори спровеле 17 вонредни инспекциски надзори, а општинските градежни инспектори реализирале вкупно 14 вонредни инспекциски надзори.
Врз основа на утврдената состојба на терен, против сите правни и физички лица кои не ги почитуваат законските одредби ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Секторот за инспекциски работи најавува дека со засилен интензитет ќе продолжи да работи и во наредниот период, а до сите правни субјекти и граѓани упатува апел за законско работење и одговорно однесување, со цел намалување на аерозагадувањето и унапредување на јавната чистота на територијата на Општината.

























