strumica denes logo

ИЗВЕШТАЈ: НАРОДОТ ВО ЕВРОПА ПОВЕЌЕ И’ ВЕРУВА НА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ОТКОЛКУ НА БЛИСКИТЕ ЛУЃЕ!

Автор:

Датум:

ноември 26, 2025

Автор:

Датум:

ноември 26, 2025

Според најновиот извештај, Европејците денес имаат поголема доверба во вештачката интелигенција отколку во владите, инфлуенсерите на социјалните мрежи, па дури и во сопствените пријатели и семејство.

Истражување спроведено на 5.020 возрасни лица покажало дека 44 отсто од испитаниците сметаат дека вештачката интелигенција ќе им даде точни информации, додека само 38 отсто имаат доверба во владата. Во исто време, 57 отсто веруваат дека повеќето јавни личности свесно ја манипулираат јавноста, изнесувајќи само факти што им одговараат на нивните лични интереси.

Пет од десет испитаници сметаат дека на ВИ може повеќе да ѝ се верува и од нивните пријатели и семејството, а седум од десет корисници на ВИ-алатки имаат доверба во точноста на добиените одговори. Од друга страна, само една четвртина од анкетираните веруваат во фактите што ги читаат на социјалните мрежи.

– Она што е особено интересно во ова истражување е растечката перцепција дека вештачката интелигенција може да понуди подоверливи информации дури и од најблиските луѓе, пријателите и семејството. Огромната количина лесно достапни информации од повеќе извори го менува начинот на кој се гради довербата и каде што се поставува авторитетот. Општеството не само што ја прифаќа ВИ, туку тоа го прави сè побрзо, а довербата во нејзините резултати расте паралелно со нејзиното сè поголемо присуство во секојдневниот живот – вели Хари Гов, портпарол на платформата „Onepoll.com“, која го спровела истражувањето.

55 отсто признаваат дека им е сè потешко да проценат на кои извори можат навистина да им веруваат

Од возрасните што користат ВИ (70 отсто), 59 отсто најчесто се потпираат на неа кога бараат одговори на прашања, а 42 отсто ја користат за учење или разбирање нови поими. Повеќе од една третина (34 отсто) ја употребуваат за помош при пишување е-пошта, документи или описи, а 33 отсто ја користат професионално. Охрабрувачки е што 59 отсто од сите испитаници тврдат дека добро ги разбираат ВИ-алатките, чет-ботовите и големите јазични модели.

Младите имаат поголема доверба во информациите што ги добиваат или читаат отколку постарите испитаници. Речиси половина од младите на возраст од 18 до 24 години (49 отсто) им веруваат на информациите што ги соопштуваат бизнис-лидерите, додека меѓу лицата постари од 55 години тоа го прават само 39 отсто.

Најголем број корисници на ВИ доаѓаат од возрасната група од 25 до 34 години – дури 66 отсто имаат доверба во информациите што ги добиваат преку алатки како што се „Чет-ГПТ“, „Копајлот“ или „Џеминај“. И покрај тоа, без разлика на возраста, 55 отсто признаваат дека им е сè потешко да проценат на кои извори на информации можат навистина да им веруваат.

  • Banner