Премиерот Христијан Мицкоски на денешниот Самит на лидерите од Западен Балкан за Планот за раст во Тирана истакна дека за Македонија оваа иницијатива претставува многу повеќе од документ или стратегија.
„За Македонија, Планот за раст е многу повеќе од иницијатива. Тоа е приказна за претворање на заложбата во вистинска промена“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека нашата земја беше прва од регионот што го операционализираше Инструментот за реформи и раст, како и првата што доби пред-финансирање согласно Планот.
Тој додаде дека успесите се резултат на посветена работа и цврсто верување во европските вредности.
„Нашата реформска агенда, одобрена од Европската комисија, се фокусира на она што навистина е важно – добро владеење, чиста енергија, образование, развој на бизнисот и владеење на правото. Ова не се апстрактни цели, туку темели на современата европска држава и секојдневна реалност што сакаме да ја обезбедиме за нашите граѓани“, нагласи премиерот.
Мицкоски претстави и дел од веќе спроведените мерки.
„Оваа година поднесовме две барања за исплата на средства, со кои се поддржуваат приоритетните реформи на Владата – особено во областа на дигиталните услуги, зајакнување на деловната клима и подобрување на енергетската ефикасност. Досега се исплатени околу 24 милиони евра, комбинација од заеми и инвестициски грантови“, рече тој.
Премиерот потсети дека реформските чекори се спроведуваат во повеќе сектори, вклучувајќи управување со јавните финансии, дигитална трансформација, развој на бизнисот и правосудни реформи.
„Завршувањето на овие чекори ќе отклучи дополнителна поддршка од ЕУ во износ од над 134 милиони евра. Но, ова не се само бројки, туку приказни за промена“, додаде Мицкоски, истакнувајќи и конкретни проекти како приклучувањето на Македонија кон Единствената евро-зона за плаќања (SEPA), WiFi4WB во 63 општини, Дигиталниот самит во Скопје и програмата Хоризонт со национална Антена на Фабриката за вештачка интелигенција.
Премиерот потенцираше и регионалната поврзаност како врвен приоритет.
„Модернизираме три гранични премини – Деве Баир, Блаце и Богородица – во рамките на иницијативата Зелени ленти, со што Европа физички станува поблиска до граѓаните“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека зелената транзиција и инвестициските проекти во транспорт и железничка инфраструктура покажуваат дека растот и одржливоста можат да одат рака под рака.
„Вкупно, проекти во вредност од околу 1,1 милијарда евра се во текот на Планот за раст, од кои над половина милијарда се ЕУ грантови“, истакна Мицкоски, потсетувајќи и на значењето на регионалната соработка преку Заедничкиот регионален пазар и Берлинскиот процес.
„Овие чекори се доказ дека кога ги интегрираме нашите пазари, кога ги поврзуваме патиштата и кога ги усогласуваме правилата, веќе ја практикуваме Европската унија и нејзините вредности“, заклучи премиерот.
Мицкоски ја заврши својата изјава со порака до европските партнери:
„Нашата порака денес е едноставна, но цврста: Македонија исполнува. Не реформираме затоа што тоа се очекува од нас, туку затоа што веруваме во европската идеја. Ние ја градиме Европа дома со нашите политики, дела и вредности. Сега очекуваме ист пристап од нашите партнери – правичен и меритократски, кој ги наградува резултатите и ја препознава посветеноста. Заедно да го претвориме Планот за раст во вистински напредок и промена“, порача Мицкоски на самитот во Тирана.

























