Клубот на колекционери „Тивериопол РСА“ Струмица организира хуманитарна аукција во поддршка на 14-годишната струмичанка Нина Димитриевска, која боледува од церебрална парализа и за која е потребна оперативна интервенција.
Во рамките на акцијата, клубот донира уметничко дело кое ќе биде понудено на хуманитарна аукција, со цел да се обезбедат средства за нејзиното лекување. Станува збор за слика насловена „Имагинација“, насликана во 1990 година, со димензии 50 x 70 cm, дело на академскиот уметник Димитар Кочевски – Мичо, член на ДЛУМ од 1970 година.
Наддавањето се одвива исклучиво под објавата – јавно, во коментар, или по приватна порака, при што редовно ќе се објавува највисоката понуда. Почетната сума за уметничкото дело изнесува 2.000 денари, а најмалата можна сума за секое следно наддавање е најмалку 500 денари.
Аукцијата трае до вторник, 11.11.2025 година, до 20:00 часот, кога ќе биде објавен добитникот на уметничкото дело.
Сите собрани средства, во износ од 100%, ќе бидат уплатени на сметката за поддршка на Нина.
Клубот на колекционери „Тивериопол РСА“ Струмица упатува апел до сите хумани граѓани и љубители на уметноста да се вклучат во аукцијата и заедно да помогнат Нина да добие шанса за подобар и посреќен живот.
ФЕЈСБУК ЛИНК ДО АУКЦИЈАТА: https://www.facebook.com/story.php?story_fbid=122251872452216121&id=61556483634770&rdid=Zm7ohes3lLg5D2Z1#

























