strumica denes logo

ФУНКЦИОНЕРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА ПОД ЛУПА: Службените возила добиваат црвени таблици, ќе се следи секое движење!

Автор:

Датум:

јули 31, 2025

Автор:

Датум:

јули 31, 2025

До 15 септември сите владини автомобили во Македонија мора да добијат нови регистарски таблички во црвена боја, одлучи Владата на предлог на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски. Со оваа мерка, властите најавуваат целосна транспарентност и контрола врз користењето на службените возила од страна на функционерите.

Новите црвени таблички ќе овозможат граѓаните лесно да ги препознаваат службените коли, со што се очекува да се спречи нивната злоупотреба за приватни, партиски или недозволени цели. Како дел од новиот систем, ќе се отвори и телефонска линија за пријавување злоупотреби, а секоја пријава ќе биде официјално евидентирана и разгледана според законската процедура.

Дополнително, во завршна фаза е и креирање на централен регистар за сите службени возила, кој ќе даде јасен увид во тоа кои возила постојат, во каква состојба се и кој ги користи. Се проценува дека новата регулација ќе опфати околу 6.500 возила низ целата држава.

Причината за воведувањето на оваа мерка лежи во зачестените скандали и критики за злоупотреба на службени коли, особено за време на изборни кампањи. Последниот случај што предизвика јавен револт беше кога возила на вицепремиерите Изет Меџити и Арбен Фетаи беа забележани паркирани пред партиски штаб доцна во ноќта. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека ако се утврди злоупотреба, тие ќе мора јавно да се извинат.

Мерката е поврзана и со Изборниот законик, кој строго забранува користење на службени ресурси – вклучително и автомобили – за изборни цели. Секоја државна институција е обврзана да достави податоци за сите возила до Антикорупциската комисија најдоцна 10 дена по распишување на избори.

Црвените таблици, јавниот увид и строгите правила треба конечно да стават крај на злоупотребите, и да ги натераат функционерите да се однесуваат одговорно со државниот имот.