strumica denes logo

По 18 години: Започнати првите археолошки истражувања на локалитетот Ќеразлк во село Баница!

Автор:

Датум:

мај 16, 2025

Автор:

Датум:

мај 16, 2025

По цели 18 години од откривањето, а 17 години по изведените геомагнетни истражувања во 2008 година, деновиве НУ Завод и музеј – Струмица ги реализира првите археолошки ископувања на локалитетот Ќеразлк, сместен во атарот на село Баница, општина Струмица.

ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ПО РЕКЛАМИТЕ:
ПРОДОЛЖЕНИЕ:

Археолошкиот тим предводен од археологот-саветник Ване П. Секулов, во чиј состав се и д-р Душко Цветанов, Зорица Костадинова и Даниела Дончева, во моментов работи на дооткривање на калдариумот – најжешката просторија, односно сауната од една античка бања. Истражувањата досега го открија габаритот на калдариумот, префурниумот – просторијата за загревање на водата, како и делови од хипокаустот, системот за загревање на просторијата.

Во хипокаустот се пронајдени кружни столпчиња – суспенсори, кои го носеле висечкиот под, како и две колонади низ кои струел топлиот воздух за загревање. Покрај тоа, откриен е и дел од системот за загревање на ѕидовите, сочинет од елипсовидни цевки кои и денес стојат прилепени на ѕидовите.

Иако истражувањето е сè уште во рана фаза, индициите упатуваат дека станува збор за приватна бања, најверојатно дел од villa rustica – полски имот во сопственост на богат граѓанин кој зимата ја минувал во античкиот град под денешна Струмица, а летото на својот имот во Баница.

Иако е рано за официјално датирање, според аналогии со архитектонски елементи од Големата бања во Бања Банско, истражувачите неофицијално ја датираат бањата во 3 век од нашата ера.

НУ Завод и музеј – Струмица изразува голема благодарност до господинот Роберт Митев, кој не само што дозволи истражувања на неговиот имот, туку цели 18 години самостојно се грижеше и го чувал локалитетот, кој има потенцијал да се развие во значајна археолошка точка и доказ за богатото културно-историско минато на струмичкиот регион.

Истражувањата се дел од Годишната програма на НУ Завод и музеј – Струмица, сектор музеологија, и се финансирани од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.