На јавна и транспарентна дебата, денес беше официјално започната постапката за избор на нови членови во Карневалскиот одбор на Струмичкиот карневал. Целта е формирање на тело кое ќе понуди квалитетни и горди карневалски изданија.
На првата јавна расправа се разговараше за формата, критериумите и поставеноста на новиот одбор. Изнесени беа креативни предлози од присутните учесници. Заеднички став е дека бројот на членови треба да се зголеми – од досегашните 9 на максимум 20 – и одборот да се организира во три тела: административно, креативно и логистичко.
Се проширува и кругот на институциите со членови по службена должност. Покрај Општина Струмица и СВР Струмица, членови ќе имаат и Музејот и Центарот за култура.
Предвидена е уште една јавна дебата на која ќе се дефинираат јасни критериуми за членство во највисокото карневалско тело. Целата постапка треба да заврши до средината на јуни, по што предлозите ќе бидат ставени на дневен ред на седница на Советот на Општина Струмица.