Според најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, општина Струмица е меѓу најслабо рангираните во државата кога станува збор за урбаното зеленило. Анализата, која опфаќа вкупно 34 општини со седиште во градови, укажува дека ниту една не го исполнува законскиот стандард за минимална озеленетост од 25 квадратни метри по жител, а Струмица со реализација од само 2,1 м² е речиси на дното од листата.
Недоволна стратегија и системски пропусти
Извештајот посочува дека недостасуваат ефикасни политики и мерки за развој на зелената инфраструктура. Просторното и урбанистичко планирање е окарактеризирано како некоординирано, со застарени документи, недонесени планови и недоволна законска рамка.
Дополнително, Струмица веќе две години не успева да спроведе тендер за изработка на зелен катастар, клучна алатка за мапирање и управување со зелените површини. Недостасуваат и годишни програми и стратегии за развој на зеленило, што дополнително ја влошува состојбата.
Нема важечки ГУП од 2020 година
Иако Струмица е меѓу општините што предничи во носењето на урбанистички планови, градот нема важечки Генерален урбанистички план уште од 2020 година. Новиот план сè уште е во процедура во Министерството за транспорт и врски.
Проблемот дополнително се продлабочува со тоа што, според ревизијата, урбанистичките планови често се под влијание на приватни интереси, без јавна транспарентност и со сериозно запоставување на јавниот интерес – особено во делот на зачувување и проширување на зелените површини.
Загрижувачки примери од теренот
Како еден од најалармантните примери, во извештајот се споменува и случувањето во близина на Градската библиотека во Струмица, каде врз јавна зелена површина е поставена бетонска подлога. Исто така, делови од Градскиот парк биле оградени како да се приватно земјиште. Иако постојат над 200 решенија за уривање, јавноста сè уште чека на конкретна постапка.
Недостаток на надзор и санкции
Министерството за транспорт и врски не врши доволен надзор над примената на законите, се вели во ревизијата. Недостасуваат извештаи за следење на состојбата, а ниските казни и неказнивоста придонесуваат кон уште поголем занемарување на зелената инфраструктура.
Повици за итни мерки
Ревизорите препорачуваат итно преземање на мерки од надлежните институции за подобрување на состојбата со урбаното зеленило. Според граѓанската иницијатива „Здрава Котлина“, неопходен е континуиран јавен притисок и активна вклученост на граѓаните со цел да се обезбеди транспарентно и одговорно управување со јавниот простор.
Во следниот период, од „Здрава Котлина“ најавуваат дека ќе продолжат со темелно следење на оваа тема и ќе инсистираат на спроведување на законските одредби за урбано зеленило.
Извор на информациите за подготвување на текстот: Здрава Котлина