На Самит 2025 во организација на „Македонија 2025“, премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, истакна дека Владата предводена од него уште од првиот ден се соочила со бројни предизвици, но, како што рече, резултатите кои ги испорачува се во насока на подобрување на животот на граѓаните.
„Во првата година приоритет ни беше стабилизацијата на државата, бидејќи институциите практично не постоеја, а државата беше во слободен пад. Наместо нереални амбиции, се фокусиравме на заздравување и враќање на системот во функционална состојба – т.н. состојба нула“, посочи Мицкоски во своето обраќање.
Премиерот нагласи дека благодарение на оваа стратегија, државата веќе бележи позитивни економски резултати. Според официјалните податоци, македонската економија забележала раст над првичните очекувања. Наместо проектираниот раст од 1,8%, Бруто домашниот производ (БДП) пораснал за 2,8%. Во последните квартали, стапката на раст надминува 3%, а според проекциите, во првиот квартал од 2025 година се очекува раст од 3,5 до 4%.
„Овие бројки покажуваат дека се движиме во вистинска насока и дека нашата економија има сериозен потенцијал. Ако продолжиме со овој тренд, ќе се позиционираме меѓу водечките економии во Европа“, заклучи Мицкоски.