Голем број жители и сопственици на бизниси од улицата „Маршал Тито“ во Струмица поднесоа петиција до Општина Струмица, со која бараат итно отстранување на новопоставената велосипедска патека на оваа фреквентна сообраќајница.
Во документот, потпишан од повеќе засегнати граѓани, се изразува сериозна загриженост за последиците кои ги носи ваквата интервенција, оценета како непромислена и без консултација со локалната заедница. Потпишаните укажуваат дека со поставувањето на патеката веќе се создаваат низа проблеми кои влијаат негативно врз секојдневниот живот, сообраќајот, пристапот до објектите и локалната економија.
Според петицијата, велосипедската патека значително го намалила бројот на паркинг-места, што го отежнува пристапот за жителите, муштериите и доставувачите. Истовремено, многу деловни објекти веќе чувствуваат последици поради намалениот број на купувачи, додека испораките на основни производи како огревно дрво, бела техника и мебел се одвиваат со тешкотии.
Граѓаните предупредуваат и на ризикот по безбедноста, со оглед дека новата поставеност на улицата го отежнува пристапот на итни служби како амбулантни и противпожарни возила. Дополнително, се наведува дека гумените пречки што ја одвојуваат патеката доведуваат до стеснување на коловозот, сообраќајни застои, но и наталожување на ѓубре, што ја нарушува хигиената и естетиката на улицата.
„Ние не сме против развојот на велосипедска инфраструктура, но тоа мора да се прави со претходна анализа, соодветна локација и без штета за останатите учесници во сообраќајот“, стои во петицијата.
Граѓаните сметаат дека на улица „Маршал Тито“ доволно би било велосипедската патека да биде обележана со хоризонтална сигнализација, наместо да се поставуваат физички бариери кои ја нарушуваат урбаната функционалност.
Со оваа петиција, се бара од Општина Струмица:
Итно преиспитување и укинување на одлуката за поставување на велосипедската патека на оваа улица;
Нејзино отстранување од постојната локација;
Организирање јавна расправа со засегнатите граѓани и стопанственици, пред преземање какви било идни инфраструктурни промени.
Потписниците очекуваат брза и одговорна реакција од општинските власти, со цел да се заштитат интересите на граѓаните, бизнис заедницата и да се обезбеди безбедно и уредно урбано живеење.