Хирурзи ќе вградуваат импланти во мозокот на лица зависни од алкохол и дрога во рамките на клиничко испитување што ќе ја тестира примената на електрични импулси за спречување на желбата за алкохол или дрога.
Оваа техника веќе се користи за контрола на одредени симптоми кај пациенти со Паркинсонова болест, депресија и опсесивно-компулсивно нарушување. Сега, тим од лекари и истражувачи од универзитетите во Кембриџ и Оксфорд, како и од Кралскиот колеџ во Лондон, ќе применат длабока мозочна стимулација за намалување на зависничките нагони и зајакнување на самоконтролата.
– Длабоката мозочна стимулација функционира како пејсмејкер. Како што пејсмејкерот може да стабилизира абнормални електрични ритми во срцето, така веруваме дека мозочниот имплант може да ги нормализира нарушените електрични ритми во мозокот кои се поврзани со зависноста. Ова испитување ќе покаже дали оваа идеја може да се реализира во практика – вели професорот Валери Вун, водечки истражувач на проектот и експерт по психијатрија на Универзитетот во Кембриџ.
Револуција во третманот на зависности
Во последните години употребата на мозочни импланти станува сè попопуларна во лекувањето на разни невролошки нарушувања. Повеќе од 250.000 луѓе во светот користат вакви уреди за контрола на симптоми од различни состојби. Така, на пример, кај Паркинсоновата болест имплантите испраќаат импулси во центрите за движење во мозокот и спречуваат симптоми како што се треморите и неконтролираните движења.
Неколку помали истражувања покажаа дека оваа техника има потенцијал за лекување зависност од алкохол и дрога. Сега, научниците ги финализираат плановите за првото целосно клиничко испитување на длабока мозочна стимулација, со цел да се утврди дали оваа метода може да се примени во борбата против сè поголемата криза на зависност во светот.
Зависноста од дрога е сериозен здравствен проблем. Речиси половина од сите смртни случаи поврзани со дрога се резултат на предозирање со хероин и морфиум.
Дополнително, зависниците често се неспособни за работа и изложени на ризик од предозирање. Ова станува сè посериозен проблем во современото општество.
Во испитувањето, наречено „Брејн пејсер“ (Англ. Brain pacer – Мозочен пејсмејкер за контрола на зависноста) ќе учествуваат шест зависници од алкохол и шест зависници од дрога. За да бидат избрани, учесниците ќе мора да имаат најмалку петгодишна историја на зависност и барем три неуспешни обиди за одвикнување. Исто така, претходно ќе мора да биле подложени на конвенционални терапии, како лекување или психотерапија.
Испитувањето ќе биде спроведено во болницата „Аденбрук“ во Кембриџ и во Кралската болница во Лондон. Секој од учесниците ќе добие тенок електроден имплант во прецизно одредена локација во мозокот, каде што ќе се испраќаат електрични импулси со цел да се регулираат мозочните активности поврзани со зависноста.
Доколку оваа метода се покаже како успешна, може да отвори нови можности за третман на зависностите и да донесе надеж за илјадници луѓе кои се борат со оваа состојба.