По години молк и толеранција кон ширењето на платформи и објекти врз јавните површини, конечно започна процес на санкционирање на оние што го узурпираат просторот кој припаѓа на сите граѓани. Според најновите информации, дури 24 правни субјекти ќе се соочат со забрана за користење на јавна површина, поради тоа што не постапиле по укажувањата од инспекциските служби.
Оваа постапка следи по наредбата за вонредни инспекциски надзори, која ја издаде градоначалникот на 21 март, како реакција на сè погласното незадоволство од жителите на градот. Во изминатиот период, граѓаните сè поотворено зборуваат за претворањето на јавниот простор во приватен, а најмногу на удар се угостителските објекти и дуќаните кои поставиле маси, огради, сенки и разни конструкции на тротоари и плоштади.
Но, не сите сопственици ги игнорираа укажувањата. Дел од нив покажаа високо ниво на свест и одговорност, разбирајќи дека јавниот интерес мора да биде над личниот профит. До нашата редакција пристигнуваат пофалби за гостилница „Фабрика“, сместена над објектот на поранешното собрание. Сопствениците сами пристапиле кон отстранување на дел од својот објект, ослободувајќи простор кој со години беше непристапен за пешаците.
Тие покажаа пример за тоа како треба да изгледа однесувањето на еден бизнис кој функционира во заедница.
Преку нашата редакција исто така читателите го поставуваат прашањето: дали ваквата пракса конечно ќе донесе еднаквост пред законот, или повторно ќе бидеме сведоци на селективна примена, каде едни ќе бидат казнети, а други ќе продолжат да го прекршуваат законот неказнето, уживајќи привилегии по нечиј благослов?
Граѓаните очекуваат транспарентност, конзистентност и правда. Законот мора да важи за сите, без исклучоци. Само така Струмица може да тргне по патот на уреден град, каде јавниот простор ќе биде заштитен и достапен за сите.